Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека во војната загинале 31.000 украински војници.
– Во оваа војна загинаа 31 илјада украински војници. Не 300 илјади, не 150 илјади… Путин лаже за овие работи… Сепак, загубата за нас е голема – истакна Володимир Зеленски на прес-конференција во Киев.
Тој изрази уверување дека Конгресот на САД ќе одобри нов голем пакет помош за Украина, вклучувајќи воена и финансиска помош.
Украинскиот лидер нагласи дека неговата земја има потреба од одлука за ова прашање во рок од еден месец.
– Победата на Украина во војната зависи од помошта од Западот – нагласи Зеленски.
Ова е првпат Украина да го пријави бројот на загинати свои војници.
Украинскиот претседател рече и дека не може да го открие бројот на ранети украински војници, бидејќи „тоа ќе и помогне на Русија во военото планирање“.