Израел во четвртокот спроведе воздушни напади врз Рафа во јужниот дел на Газа, откако се закани дека ќе испрати војници во градот, пишува АФП. Додека Израел бара ослободување на повеќе од 100 заложници, Хамас бара целосен прекин на војната, повлекување на израелските војници и ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори.
– Во тек се нови напори за постигнување договор за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас што би можел да стави крај на војната во Газа – рече членот на израелскиот воен кабинет Бени Ганц доцна во средата, што е прв израелски показател дека разговорите се обновени од застојот минатата недела.
Глобалните сили кои се обидуваат да најдат начин за ставање крај на војната меѓу Израел и Хамас досега не успеаја, но американскиот претставник се очекува во четврток во Израел да се обиде да обезбеди договор за прекин на огнот, пишува АФП.
Од почетокот на војната околу 1,4 милиони Палестинци се раселени и бараат дом. Целото население на Газа кое брои 2,4 милиони милони е на работ на глад.
Градот Рафа, меѓу другото, служи како главна влезна точка преку соседен Египет за очајно потребната помош.
Израел предупреди дека ќе ги прошири своите копнени операции во Рафа доколку Хамас не ги ослободи преостанатите заложници во Газа до почетокот на светиот муслимански месец Рамазан следниот месец.
Војната започна кога Хамас започна напад на 7 октомври, што резултираше со смрт на околу 1.160 луѓе во Израел, повеќето од нив цивили, според официјалните израелски податоци. Според Израел, милитантите на Хамас зеле околу 250 заложници, вклучително и 30 мртви.