Седум години не се довршуваат и не се пуштаат во употреба три објекти за факултети на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, наменети за три различни факултети: Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ), Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за драмски уметности(ФДУ). Не е само спортската сала на УКИМ, за која неодамна пишував, која, иако готова, не ја пуштија во употреба и забот на времето и негрижата почна да ја руинира – туку и три згради за факултети.
Недовршените проекти се многу потребни за студентите и за професорите, но се оставени на забот на времето.
За сите три имаше потреба од нови објекти, бидејќи или им беа претесни постојните, како на пример ФИНКИ, кои изнајмуваат простории на други факултети во други објекти за настава. Или претесните и руинирани бараки, како ФФК и ФДУ.
Причината е политичка и неспособност.
Кај првите две (ФИНКИ и ФФК) караниците се завршени. Фирмата која ги градела отиде во стечај. Во ред, не е ни прв, ни последен таков случај во Македонија и во светот. Во таков случај, се води правна постапка со пропаднатата фирма, но паралелно се избира нов изведувач, кој ја завршува. Разбирам во таква ситуација да се загуби половина или една година, но сигурно не седум години.
Овие два објекта се еден до друг и се наспроти комплексот судови и ТЦ „Мавровка“. Во моментот, наместо гордост на градот по нивната убавина и на услуга на студентите и професорите, тие означуваат една грда слика. Едно време им пречеше зошто биле со барокен изглед, па крива им беше фирмата што ги гради, а после седум години веројатно немаат што да кажат.
Последно што излезе во медиумите е дека ќе го менувале надворешниот изглед, за да се намалиле трошоците за естетиката, односно да бидат поевтини, ама и погрди.
Тешка глупост, не само поради тоа што сметаат дека Скопје не заслужува да има естетски убави објекти, туку и бидејќи цените на градбата заради инфлацијата растат, па додека тие ги преправаат проектите со години, наместо што побрзо да ги изградат, цената на градба ќе се зголеми толку многу што ќе стане многу повисока доколку се завршеше на време, без преправки.
За потсетување, објектот на ФФК требаше да чини околу 7 милиони евра, а објектот на ФИНКИ, кој е и поголем и поскромен, околу 13 милиони евра, според тендерот и договорот со градежната фирма. Вкупно 30 милиони евра. Но, кога ќе дојде на власт глупава власт и со комплекси за стиловите на архитектура, преправани и нагрдени ќе чинат веројатно двојно.
Инаку, во самиот објект на ФФК е предвидена и спортска сала за нивни потреби. Во моментов, спортската сала која власта која ја предводев ја изгради на сегашната нивна локација, ја користат и тие, и спортската академија, и средното фискултурно училиште. А губитници се учениците и студентите, бидејќи колку и професорите да се трудат добро да ги распределат термините, простор недостасува и практичната настава трпи.
Ако некогаш на ФИНКИ се запишуваа по 200, а на Правен факултет по 1.200 студенти, по повеќегодишната медиумска кампања на владата за охрабрување на младите да се запишуваат повеќе на технички факултети и се разбира и заради други причини за кои имам пишувано, сега ситуацијата е речиси обратна. Па така, на ФИНКИ во моментот има околу 4.500 студенти кои одвај успеваат да најдат простор за настава, која би била многу поквалитетена во новите простории во новиот објект, во кој уште при градбата се проектирани инсталации потребни за наставата.
Од она што паметам, објектот на ФИНКИ е инспириран од еден објект во САД, а објектот на ФФК од еден објект во Русија. Не се копии, тоа е различно, но архитектот се инспирирал од нив. Нивната градба официјално почна во декември 2015 година, а ефективно на почетокот на 2016 година, и она што е изградено е изградено за година и неколку месеци. Се проектираше во соработка со тогашните декани и нивни соработници и со согласност на ректорот на УКИМ и наставничкиот совет, пред се заради просторот кој е кампус на УКИМ.
ФДУ е друга приказна. Потсетува на онаа на Драмскиот театар од Скопје, каде политички мотивирани, поголема група актери се спротивставија на рушење на бараката на Драмскиот театар во Скопје со цел изградба на нов модерен Драмски театар, со веќе обезбеден буџет и склучен договор за градба.
Официјално образложение беше дека сакале да си ги мирисаат даските на стариот руиниран објект, изграден како привремен. Инаку, даски за мирисање ќе имаше и на сцените на новиот театар, се разбира.
Новите простории на ФДУ се наоѓаат на плоштадот Пресвета Богородица, до истоимената црква, на околу 200-300 метри од објектите во градба на ФИНКИ и на ФФК и беше речиси готов пред промената на власта во 2017 година, кога заедно со сите медиуми лично го посетив и го разгледав.
Преостанува околу 5% од работите да се завршат, кои согласно договорот за неколку месеци делумно завршиле.
Таму, исто така, е градено според потребите на факултетот, а одлуката за градба се донесе после еден мој телефонски разговор со тогашниот декан, сега покоен актер Кирил Ристовски.
При проектирањето, како и во претходните два објекта, беа следени сите упатства на самите декани и професори, кои најдобро знаат што им треба за сѐ да биде врвно и професионално направено.
Но, некаде во 2018 година, наставничкиот совет на ФДУ, на иницијатива на неколку силно политички мотивирани членови, донел одлука да одбијат да се вселат во овој велелепен објект во центарот на главниот град, за кој беа прашувани и „какво столче“ сака секој одделен професор во нивните посебни кабинети да има, и за секој детал во студијата и сите специјализирани простории кои се направија наменски за нив, односно за нивната дејност, односно за врвни услови за настава на студентите по глума, режија, монтажа, продукција, камера и сл.
Образложението било дека не сакале да се вселат во „режимски објект” и ги избраа старите руинирани бараки полни со бактерии, болви и мачки, а веќе следните години руинираноста достигна таков степен што кармата стигна и понекогаш наставата ја држеа надвор.
Владата секако со радост ја примила веста за (политичката) одлука на ФДУ и тогашната министерка Мила Царовска им вети дека ќе им изгради нов објект. Се разбира, ги излажа, не им ги реновираше ни тоалетите во сегашниот, а во новата зграда наменета за нив делумно почнале да се вселуваат други институции од пренатрупаната администрација.
Во меѓувреме, мислата евалуирала кај почитиваните уметници и сега неофицијално се дознава дека тие би се вселиле таму во „режимскиот објект”, бидејќи сфатија дека дека друг никој и никогаш нема да им изгради, но за такво нешто треба политичка волја на владата, која најпрво треба да ги дислоцира другите вселени во делови од тој објект, да направи мали досредувања на објектот и да им дозволи на „пишман аџиите“ од ФДУ да се вселат во „режимскиот објект“.
Не се големи шансите да се случи тоа, ни сега ни во иднина и некој да се занимава со нивните незрели одлуки од минатото, иако во име на студентите, и во име на оние професори кои биле малцинство против носењето инфантилни одлуки, јас сметам дека владата треба да го направи тоа.
Не се виновни студентите за лошите одлуки на дел од професорите.
Тоа беа години кога се градеше и се вложувашe во многу сектори, вклучително и во образованието, како основното и средното со реновирање и изградба на многу нови училишта и спортски сали, опремување на истите итн, така и во високото образование. Тогаш се создадоа три нови универзитети, „Гоце Делчев“ во Штип, „Св. Апостол Павле“ во Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје. И покрај другото, се адаптираа и реновираа, или се изградија или купија многу нови објекти за новите факултети, предавални, амфитеатри на истите, итн. Но, се градеше и се создаваше и на постоечките УКИМ во Скопје, УКЛО во Битола (која меѓу другото доби функционална спортска сала) и во ДУТ во Тетово, кој доби објект за повеќе факултети.
Не знам зошто новата влада ги запре инвестициите во инфраструктура на државните универзитети и што добива од тоа?
Кој добива од тоа?
Тие сигурно не, бидејќи гласачите, народот гледа што се случува.
Студентите и професорите сигурно не. Тие трпат и имаат загубено надеж дека нешто позитивно ќе се случи.
Градежниот сектор и економијата сигурно не.
Тогаш кој добива? Каде одат парите? Инает ли е? Неспособност ли е?
Што е?
Каква е оваа ситуација?