ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори ќе настапи со кандидатот, професор доктор Гордана Силјановска Давкова. И оваа кандидатура која што е стигната до партијата би требало да биде потврдена на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на 2 март и очекувам истата да добие огромна поддршка, вели пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во неговото денешно гостување во централниот дневник на Алсат телевизија.
Во однос на против кандидатите на професорката Силјановска Давкова во претседателската трка, Милошоски вели дека е добро што има повеќе кандидати и веројатно ќе има уште некој кандидат кој што ќе се пријават за овој изборен процес затоа што е добро граѓаните да имаат поголем избор.
– Очекуваме на 24 април кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалиција да има најмалку 100 илјади гласови повеќе од кандидатот на Социјалдемократскиот сојуз, а потоа да следуваат и другите кандидати – рече Милошоски.
Запрашан дали е ризично тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со истиот кандидат од пред пет години, Милошоски истакна дека тогаш професорката Силјановска Давкова оствари одличен резултат и дека до сега во Македонија се нема случено кандидат од опозиција да победи во претседателска трка, имајќи го предвид и демократскиот капацитет на владејачките СДСМ-ДУИ.
Но, додава Милошоски, сега народот е свесен дека оваа владејачка гарнитура е во заминување и масовно ќе ја даде поддршката на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ кој се очекува во првиот круг да има над 100 илјади гласа разлика.
– Во Република Македонија до сега немало кандидат од опозициона партија кој што победил во време на мандатот на друга влада од политичка опција. Затоа сметам дека и минатиот пат кога професорката Силјановска беше кандидат направи одличен резултат, но вие и самите знаете за демократскиот капацитет на СДСМ и на ДУИ и тогаш и сега, со таа разлика што сега сметам дека народот е веќе свесен дека власта е во заминување. И овој пат очекувам, бидејќи се поклопуваат изборите претседателски и парламентарни, Силјановска да биде новиот претседател на Македонија – истакна пратеникот Милошоски.