Иако на украинското воздухопловство му недостигаат ракети за противвоздушна одбрана „Патриот“ со дострел од 150 километри, кога навистина пукаат, тие ретко промашуваат, пишува магазинот „Форбс“. Во текстот се наведува дека во последните три дена Украинците собориле дури шест руски авиони од типот „Сухој“.
Дали за ова е одговорен противвоздушниот систем „Патриот“? Украина прати еден „Патриот“ во Киев, еден на југот, и еден на северот.
„Руските авиони продолжуваат да паѓаат!“, напиша Украинското Министерство за одбрана во понеделникот, тврдејќи дека четири Су-34 и два Су-35 се меѓу соборените воздухоплови.
Украинскиот политички коментатор Антон Герашченко на Икс сподели снимка на која наводно се гледа како руски хеликоптер лета над соборен дел од авион во водата. Автентичноста на снимката не е потврдена.
Магазинот „Форбс“ коментира:
„Токму затоа, украинската армија, дури и додека молеше и преговараше за повеќе муниција, за само три дена собори дури шест руски борбени авиони. Ова е стапка на загуби што руските сили нема да можат долго да ја издржат“.
Првите три авиони биле соборени во саботата на 90 километри источно од Авдиивка, градот во кој Русите имаат значителен напредок. Четвртиот „Сухој“ украинската армија тврди дека го соборила во неделата и тврди дека соборила уште два авиони во понеделникот, над Азовското Море на југ.
Су-34 е најдобриот суперсоничен авион за напад на руските воздухопловни сили. Во последно време тие претежно летаат мисии за поддршка – брзо летаат до линијата на фронтот и фрлаат прецизни плови бомби КАБ од далечина од 40 километри, по што следат Су-35.
Се проценува и дека руските сили нема толку брзо да останат без авинот „Сухој“. Имено, за две години жестоки борби, податоците покажуваат дека Русите изгубиле 25 од вкупно 150 авиони Су-34 и шест од вкупно 120 Су-35.
Руските воздухопловни сили изгубија 95 авиони од февруари 2022 година, што е четири воздухоплови месечно. Во последните седум дена, стапката на загуба се искачи на шокантни 60 авиони месечно.
За воздухопловство со само 1.000 брзи авиони, ваквите месечни загуби би биле катастрофални. Би било уште полошо да се изгубат искусни авионски екипажи со тоа темпо, според неодамнешниот извештај на Лондонскиот институт РУСИ.
Сепак, се проценува дека овој „масакр“ на руските авиони „Сухој“ да се намали во наредните денови, бидејќи недостигот од ракети им создава огромен проблем на украинските сили.