Високиот суд во Лондон го заврши првиот ден од сослушувањето во врска со жалбата на основачот на Викиликс Џулијан Асанж против одлуката за негова екстрадиција во Соединетите Американски Држави, а судењето треба да продолжи денеска, кога пред судот ќе се обратат американски адвокати.
Адвокатите на Асанж први се обратија пред судот во вторникот, велејќи дека се работи за политички мотивиран случај, додавајќи дека се прекршени човековите права на нивниот клиент.
Тие истакнаа дека имаат докази за заговор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) за убиство на Асанж за време на претседателствувањето на Доналд Трамп.
Адвокатот Ед Фицџералд КЦ рече дека не може да им се верува на американските гаранции за правичен третман, додавајќи дека неговиот клиент може да биде осуден на „грубо неправеден и непропорционален начин доколку биде екстрадиран“.
САД бараат екстрадиција на Асанж за објавување тајни воени досиеја во 2010 и 2011 година, а Врховниот суд на ОК одлучи дека Асанж треба да биде екстрадиран, отфрлајќи ги тврдењата дека може да изврши самоубиство во американски затвор поради лошо ментално здравје.
Порталот на Асанж „Викиликс“ стана познат во 2010 година кога објави видео од американската армија како уби десетици луѓе, вклучително и двајца новинари на Ројтерс, во напад од хеликоптери Апачи во Багдад во 2007 година.
Потоа беа објавени илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД ги критикуваат светските лидери, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.
Во САД, Асанж е обвинет за шпионажа по 17 точки, а доколку биде осуден може да добие и до 175 години затвор.