Министерството за здравство преку соопштение информираше дека д-р Александар Петличковски не е сменет од позицијата претседател на Комисијата за заразни болести.
Ваквата нивна реакција доаѓа откако првично дел од медиумите информираа дека Министерството за здравство преку меил го известиле дека е разрешен и дека на негово место ќе биде назначен доктор Звонко Миленковиќ, како и дека Комисијата добива нови членови.
Но, подоцна стигал друг меил дека ваквата порака се отповикува, без притоа да се даде било какво објаснување.
Од Министерството сега велат дека Петличковски е актуелен претседател на Комисијата и останува и понатаму да ја извршува својата функција како и досега.
Истото, како што додаваат, може да се потврди со соодветна документација.