И до осумпати поотровен од најотровниот гас во светот „VX“ – нервниот гас „Новичок-5“ и варијантата „Новичок-7“ се органофосфатни инсектициди кои биле користени уште во Советскиот Сојуз, а сега постои сомневање дека со ваков гас беше убиен рускиот опозиционер Алексеј Навални.
Тезата дека Навални беше убиен со „Новичок“ ја пласираше неговата вдовица Јулија. Но, Навални веќе еднаш беше отруен со овој гас во 2020 година за потоа да заврши во болница во Берлин. Со овој нервен гас беше отруен и двојниот руско-британски агент Сергеј Скрипал.
Гасот бил направен во време на СССР за да се избегне забраната од Конвенцијата за хемиско оружје. Ова за Дојче Веле го открива Мишел Карлин, британски токсиколог од Универзитетот во Њукасл. Всушност, се работи за серија на стотина соединенија кои се „нови“ и „новодојдени“, па оттаму доаѓа и името.
– Сé додека хемичарите поединечно произведуваа нетоксични компоненти, тоа не беше нелегално. Стана нелегално само кога се мешаа – вели таа објаснувајќи дека трикот на хемичарите е да произведат фин прав во две компоненти.
Лекарите мора прво да спречат пациентот да се гуши поради грчеви во мускулите и респираторната мускулатура. Тоа е причината зошто Навални веднаш бил ставен на вештачка вентилација, наведува ДВ.
Новичок-от ги парализира мускулите, отруеното лице има проблеми со дишењето, му се лачи плунка, а сето тоа доведува до верижна реакција која брзо може да заврши со смрт. Нервите почнуваат да дивеат затоа што се престимулирани. Агенсот го блокира производството на ензимот холинестераза, кој е важен во метаболизмот за разградување на невротрансмитерот ацетилхолин.
Како противотров, лекарите даваат атропин, алкалоид кој го има и во беладона (ноќница, растение кое долго време се користи и како лек и како отров).
Мала количина на „соединенијата новичок“ е доволна да ја предизвика штетата што би ја предизвикале други нервни агенси во поголеми количини. Сепак, Новичок-от се распаѓа ако дојде во контакт со влага на отворено. Тогаш рокот му е ограничен.
– Во интеракција со влагата, таа се распаѓа во воздухот – вели Карлин.
Покрај тоа, може да се мие со вода. Меѓутоа, атентаторите кои го користат овој отров се изложуваат на прилично висок ризик. Да, полесно е да се ракува со две нетоксични материи, но кога ќе се измешаат, може да настане проблем, додаде Карлин.