Бугарските фашисти крвнички го убиле Корчагин

Lorita
By Lorita 4 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

„Еве ти ја слободата и човечките правдини“ му рекле бугарските фашисти на народниот херој Раде Јовчевски-Корчагин пред да го убијат, опколувајќи ја неговата дружина во една куќа во Скопје на 20 февруари во 1943 година. Младиот 23-годишен борец бил предаден месец дена претходно од селанец во Побожје од кој требало да земе пушки.

Неговиот спомен останува до ден денес.

Во 2020 година, внуката на Корчагин, Калина Јовчевска на Фејсбук напиша дека е згрозена од терминот „администрација“ со кој моментално власта пробува да го замени терминот фашисти. Подоцна, за ТВ Алфа истата година таа изјави:

– Кога го убиле неговото тело го оставиле да лежи безживотно со часови, не дозволувајќи да се тргне, со цел да се заплаши колку е можно повеќе народ. Корчагин своевремено се борел против искривувањето и фалсификувањето на историјата и на вистината за Илинденското востание од тогашната фашистичка Бугарија. Сега сме сведоци на повторно фалсификување на нашата историја, овој пат од европска Бугарија. Можам само да порачам да не се плука по гробовите на оние кои го дале својот живот за слободата на Македонија. Да престане да се гази по достоинството на нивните потомци – вели Јовчевска за нејзиниот дедо.

лево; споменик во скопската гимназија, десно: споменикот пред Народна банка

 

Месец дена пред убиството Корчагин со својот добар другар Санде Урдаревски патувале од Скопска Црна Гора за Косово за да се спојат со косовскиот одред и да извршат акција. Биле забележани и следени и разбиени во близина на Бинач. За неговата глава бугарските власти имале ветено 150.000 лева. Тие го знаеле под прекарот „Јанко“, кој формирал партизански одред на Скопска Црна Гора.

Младиот скопјанец, син на чевларот Коста, пред војната имал проблеми и со српските власти во тогашното кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Како комунист кој дошол да учи кожарски занает во Белград тој брзо станал човек од доверба на Комунистичката партија на Југославија. „Опасен комунист“, „човек против кралот“, бил нарекуван од српските власти кои го гонеле под презимето Јовчевиќ. Неколку пати се сретнал со Јосип Броз Тито.

Делел пропагандни материјали низ Белград и Скопје, организирал десетина тајни излети на Водно, Матка и во други околни места. Најпосетен бил работничкиот излет во Катланово. Бил три пати притворан, а првиот пат бил измачуван да предаде информации. Не кажал ништо.

Војната почнала. Партијата го испраќа на Скопска Црна Гора за да формира партизански одред кој ќе се приклучи кон косовскиот одред. По формирањето на одредот Бугарите го откриваат ова па Корчагин пребегнува во Софија со блиските соработници. Во отсуство бил осуден на казна смрт.

- Advertisement -
Ad image

Корчагин во тоа време бил познат како „Јанко“, но неговиот прекар во КПЈ бил „Корчагин“ според ликот од комунистичката книга „Како се калеше челикот“.

Најмалку два пати бил измачуван од бугарските власти. Вечерта кога го опколиле во Скопје, тоа било во куќата на Ганко Петковски, а планирале да се префрлат во куќата на Јорда Нешевска, во Маџир Маало.

Во близина на Маџир Маало и денес стои скопската математичка гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ во чиј двор има поставен негов споменик. Помало спомен-обележје на Корчагин има и во склоп на комплексот на Народната банка на Македонија.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article