Државата да воведе давачка од 0,5% при вадење кеш од банка за да ги демотивира граѓаните да употребуваат готовина, но да нема никакви давачки за трансакции направени со картички или дигитално, предложи даночниот експерт Павел Гацов на трибина на Стопанската комора. Според него, на ваков начин посредно би се намалила и сивата економија.
Но, економисти сметаат дека на ваков начин само ќе се казнат сиромашните граѓани со нова давачка бидејќи тие легално ги чуваат парите во банка и нема да има ефекти во намалувањето на сивата економија која располага со пари кои не се поминати низ легалните институции. За намалување на сивата економија се потребни други многу поефикасни мерки, сметаат економисти.
Граѓаните, пак, различно гледаат на новата давачка. Помладите главно се согласни да се плаќа електронски, но постарите не се откажуваат од кешот.
– Во ера на интернет, не е логично да се носат паричници преполни со кеш. Колку побрзо се тргне кешот, толку подобро за нас граѓаните. Затоа сум за повисок износ на давачка за да се одвикнеме од кешот – вели Бојан Т. од Скопје.
Повозрасна скопјанка со која разговаравме на темата вели дека уште еден данок е многу за граѓаните.
– На платата плаќаме даноци, па и ако се воведе нов данок на парите кои ги вадиме од банка е многу. Зарем тој што го предлага ова не знае дека ние живееме од платите и дека без кеш не може да се купува во некои објекти. На киоск со картичка ли ќе купуваме мастика за џвакање? – прашува таа.
Гацов смета дека кешот е главна особина на сивата економија, па затоа предлага воведување на ваква давачка за да се пренасочат граѓаните да плаќаат електронски наместо во кеш.
– Главна доминантна улога на сивата економија е готовината, таа треба да се истисне. Затоа треба да се воведе нова давачка од 0,5% при вадење кеш. Овие пари нема да одат за банките, туку ќе бидат за државата. Ако сакаат со кеш во џебот да се заминат од банка, ќе мора да платат – изјави Павле Гацов, даночен експерт.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини не гледа дека ваква давачка ќе даде позитивни резултати посебно врз намалувањето на сивата економија.
– Ефектот врз сивата економија ќе биде незначителен, а на граѓаните им се додава уште една административна давачка. Тоа значи дека на сиромашните граѓани ќе им се земе уште малку од она што го немаат – коментира Хајредини.
Економистот Маријанчо Николов смета дека е нелогично да се наплаќа некаква давачка за парите кои граѓаните легално ги чуваат во банка и може лесно да се провери нивниот пат, но дека за борба со сивата економија се потребни посилни мерки кои ќе ги истиснат парите кои преку нелегални трансакции се во оптек во прометот.
– Не гледам оправданост на граѓаните за чии пари кои се на трансакциски сметки и веќе ги поминале легалните проверки да се наплаќа нова државна давачка, бидејќи и сега банките на нивна сметка заработуваат. Постои податок дека банките од провизии и надоместоци за своите услуги годишно наплаќаат 100 милиони евра, што не е мала сума. Ова би било дополнително оптоварување за граѓаните. За тоа колку кеш треба да има во оптек водат сметка соодветните институции. Но, ако се сака на овој начин да се помогне во борбата со сивата економија, не гледам дека ќе има големи ефекти, бидејќи за борба со сивата економија потребни се поефикасни мерки како контрола на она што влегува во државата, позначајна фискализација инспекциски надзор кој треба да биде многу посилен од она што го имаме сега – вели Николов.
Според него, ако сака државата да ја намали употребата на кеш од страна на граѓаните треба прво да ги едуцира како да ги користат електронските услуги и да обезбеди што повеќе места каде што ќе се плаќа електронски.
– Тука едукацијата на населението може да одигра важна улога, но треба кај дел од него да се врати и довербата во банкарскиот сектор изгубена поради некои поранешни случувања, да ги намали местата каде што главно се плаќа со кеш, но и да нуди други погодности за безготовинско плаќање, а како многу значајно да се намалат провизиите и да се зголемат каматните стапки на трансакциските сметки и депозитите во банките – вели тој.
Според податоците на Народната банка, кешот сè уште одзема речиси половина од трансакциите во земјава, но секоја година расте процентот на безготовинските уплати.
Така на пример од вкупно 6.072.567 направени платежни трансакции во септември лани (податоци кои се последни) 2.822.918 оделе во книжна форма или кеш, а електронски 3.249.649 трансакции, остатокот се преку друг начин.
Владата речиси секоја година го намалува лимитот за плаќање во кеш. Тој од 1 јануари годинава е намален на 2.000 евра.
Дека граѓаните сè уште му веруваат на кешот како опција за плаќање говорат и податоците за парите кои ги праќаат нашинците кои работат во странство на своите семејства.
Податоците на Народна банка покажуваат дека за 9 месеци лани преку банка или брз трансфер на пари, тие во земјава испратиле 257 милиони евра, што е помалку од истиот период во 2022 година. Но, ако се земат податоците за кешот кој иселениците го носат во земјава преку податокот за тоа колку девизи се сменети во менувачниците тогаш може да се види дека во истиот период граѓаните во менувачниците купиле денари за 1,3 милијарди евра, што е за 100 милиони повеќе од истиот период од претходната година.