Поголема пратка на обрасци за пасоши се очекува да пристигне кон крајот на овој месец, изјави вечера министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски.
Тошковски во емисијата „10 минути“ на ТВ 21 рече дека во моментот нема доволно обрасци за пасоши и дека поради тоа доцнат документите за оние кои се фотографирани во декември и јануари.
– Нема доволно обврсци во моментот за задоволување на потребите на граѓаните. Очекуваме поголема пратка да стигне на крајот на овој месец, а во однос на лични карти и возачки дозволи има обрасци. Наредната пратка е кон крајот на јуни или почетокот на јули – рече Тошковски.
Во однос на личните карти рече дека согласно законската регулатива тие важат согласно датумот втиснат на нив без оглед дали го имаат новото или старото име на државата и апелираше граѓаните да не се јавуваат за промена на овие документи за да не се оптоварува системот за јавување.
Како што посочи, во текот на вчерашниот ден имало 500 јавувања во секунда.
Прашан дали по 12 февруари граѓаните ќе можат да излезат од државата со возачки дозволи и лични карти што го немаат новото име на државата, Тошковски рече дека патна исправа, лична карта, возачка дозвола согласно меѓународно право, може да поништи само оној што го има издадено тој документ.
– Само ние и никој друг може да ја отповика важноста на нашите исправи. Ова не го кажувам случајно, ќе видите наредната недела зошто го говорам, рече Тошковски.
Додаде дека поддржува рефундација на средства за сите оние граѓани кои извадиле лични документи кои им биле важечки.