Поранешниот американски претседател Доналд Трамп победи на внатрепартиските избори во сојузната држава Невада, што го доближи уште повеќе да биде претседателски кандидат на Републиканската партија.
Трамп, убедливиот фаворит во трката за републикански претседателски кандидат на изборите на 5 ноември, беше единствениот силен кандидат кој учествуваше на пратеничката група во Невада, наведува Ројтерс.
Пратеничките групи се еден од двата вида внатрепартиски избори во САД, кои вклучуваат серија локални состаноци низ сојузната држава, каде што собраните разговараат за политиката и наведуваат кој би сакале да го видат како претседателски кандидат на нивната партија.
Поранешната амбасадорка на САД во Обединетите нации, Ники Хејли, која е единствениот противник на Доналд Трамп во трката за претседателска номинација на Републиканската партија, не учествуваше на пратеничката група во Невада.
Два дена претходно Хејли учествуваше на класичните прелиминарни избори во Невада, каде доживеа тежок пораз, освојувајќи помалку гласови од опцијата „ниту еден од понудените кандидати“.
Трамп не учествуваше на прелиминарните избори во Невада во вторникот, бидејќи не носат ниту еден делегат на завршната конвенција на Републиканската партија, во јули во Милвоки, кога и официјално ќе бидат именувани нејзините кандидати за претседател и потпретседател на САД.
Во Невада се одржуваат двата вида внатрепартиски избори, поради спорот меѓу Републиканската партија и државниот законодавен дом, кој е под контрола на Демократската партија.
Пред Невада, Трамп победи на внатрепартиските избори во Ајова и Њу Хемпшир.
За да стане претседателски кандидат на Републиканската партија, треба да собере 1.215 делегати, што би можел да го постигне веќе во март.