Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Сојузот на синдикати на вработените на универзитетот бараат итна средба во рок од три дена со премиерот Талат Џафери, во спротивно вработените на Универзитетот и Синдикатот ќе преземат соодветни мерки за заштита и остварување на своите права, загарантирани со Уставот и законите, се вели во заклучоците на Ректорската управа на УКИМ.
Ректорската управа, која се состои од 34 члена, декани, ректори и проректори на сите факултети и институти, како и претставник на Универзитетското студентско собрание, денеска одржа вонредна седница на која донесе заклучок дека Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е на сила и во правниот промет се применува од 1 јануари 2024 година, не е откажан, ниту е укинат или поништен, и е задолжителен за работодавачот и за работниците во чие име е склучен.
Универзитетот го отфрла ставот на Министерството за образование и наука дека овој Колективен договор не е важечки затоа што не бил регистриран во Регистарот на колективни договори, кој го води Министерството за труд и социјална политика.
„Имено, според член 231, став 1 од Законот за работните односи, регистрирање е задолжително за општи и гранкови колективни договори, а не и за поединечни колективни договори, каков што е Колективниот договор на УКИМ, за кои според став 3 од истиот член е потребно само известување до Министерството за труд и социјална политика. Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје констатира дека државата не ги почитува актите кои таа сама ги носи, што е во спротивност со принципите на владеење на правото и правната сигурност “ – се вели во заклучоците.
Затоа Ректорската управа бара средба со премиерот Талат Џафери, кој, инаку, е и потписник на Колективниот договор на УКИМ. Управата потсетува дека за непочитувањето на Колективниот договор на УКИМ, со допис од 5. февруари годинава, биле известени Собранието, Владата, МОН, Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика.
фото: МИА