Припадник на иранската Револуционерна гарда е убиен во наводен израелски воздушен напад во Сирија, што е втор напад врз силите на Техеран во таа земја во последните неколку недели, пишува Фајненшл тајмс.
Воениот советник идентификуван како Саид Алидади е убиен „во израелски воздушен напад јужно од Дамаск“, според новинската агенција Тасним, која е блиска до елитната гарда.
Како што пишува ФТ, ова доаѓа додека САД се подготвуваат да ги започнат своите први одмазднички напади против групите поддржани од Иран во регионот, кои Вашингтон ги смета за одговорни за нападот минатата недела во кој загинаа тројца американски војници.
Во петокот Тасним цитира сириски извори дека Израел истрелал неколку проектили од окупираната Голанска Висорамнина, од кои некои биле пресретнати од воздушната одбрана. Иранската државна телевизија објави дека три лица загинале во нападот во близина на сириската престолнина, но не даде детали.
Нема коментар од Израел, кој ретко потврдува напади врз цели поврзани со Иран.
Регионалните тензии, кои нагло се зголемија по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас во октомври, беа зголемени кога тројца американски војници беа убиени, а десетици повредени во напад со беспилотно летало врз воздушната база Тауер 22 во близина на границата на Јордан со Сирија.
Техеран се огради од нападот, кој ги втурна американските сили подлабоко во конфликтот, а Белата куќа ги обвини милитантите во Ирак поддржани од Иран и рече дека одговорните ќе одговараат.
Ирачките милитанти се дел од чадор-организацијата поддржана од Иран, позната како Исламски отпор во Ирак, која стана актуелна од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. ИРИ изврши десетици напади врз американските сили во Ирак и Сирија.