Украинските безбедносни служби открија информации за неправилности при купување оружје од страна на украинската армија. Вкупната вредност на штетата се проценува на околу 40 милиони долари.
Измамата со набавките, потврдена од Министерството за одбрана на Украина, ќе има големо влијание во земјата опколена од руската инвазија која трае речиси две години, пишува Ројтерс.Борбата против корупцијата останува главен фокус додека Украина ги следи напорите да обезбеди членство во Европската унија.
Безбедносните служби велат дека истрагата разоткрила службеници на Министерството за одбрана и менаџери на добавувачот на оружје Лавов Арсенал, кои украле речиси 1,5 милијарди гривни при набавка на гранати.
Проневерата, наводно, вклучувала набавка на 100.000 минофрлачки гранати за војската.
Договорот за гранати беше склучен со Лавов Арсенал во август 2022 година, шест месеци по почетокот на војната.
Плаќањето било однапред, а дел од средствата биле префрлени во странство. Оружјето, сепак, никогаш не било доставено, се вели во соопштението, а некои средства потоа биле префрлени на други, странски сметки.
Во соопштението се наведува дека на пет лица им биле дадени „известувања за сомневање“, што е прва фаза во украинскиот правен процес.
Еден осомничен, наводно, бил приведен додека се обидувал да ја премине украинската граница.
Министерот за одбрана Олексиј Резников беше разрешен во септември минатата година поради разни случаи на корупција. Иако се тврди дека тој не е лично вмешан во корупција, неколку случаи ја погодија војската под негово водство; едната поврзана со обезбедување храна за војниците, а другата со набавка на соодветна облека.