Министерството за внатрешни работи е едно од клучните министерства кое што треба да овозможи фер и демократски избори во наредниот период. МВР исто така ќе даде максимум да обезбеди вистинска борба против организираниот криминал и корупцијата, од една страна, а од друга – да биде вистински сервис на граѓаните – рече Панче Тошковски, кандидат за технички министер за внатрешни работи на денешната дебата „Важно е! Платформа за иднина” на тема Важно е да имаме фер избори што се одржа денеска во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
Тошковски посочи дека на граѓаните им е многу јасно како беше до сега, дека во Македонија се речиси уништени институциите, не се функционални.
– Јас како министер ќе дадам сè од себе паролата „Како до сега” да ја заменам со друга парола, каде владеење на правото ќе биде основно, граѓаните ќе бидат еднакви пред законот, ќе нема привилегии. Ова кое го гледаме сега, особено во делот на управните работи, со ова срамно однесување на сите оние кои се на клучни позиции, е недостоинствено во делот на издавање на лични документ – рече Тошковски.
Тој укажа дека, според негови информации, целосно е невозможно да се задоволат потребите на граѓаните за издавање лични документи, посочувајќи на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд.
– Но, Уставниот суд функционира така како што функционира. Затоа, еден од првите чекори ќе биде да предложам измени на Законот за патни исправи или да се пролонгира рокот на нивното важење. Надвор од разумот е документите да се важечки, а да не се употребуваат од граѓаните. Тоа е единствено нешто кое суштински ќе го реши проблеми, останува да видиме како ќе се однесува техничката влада и сите институции. Но, ги уверувам граѓаните, ќе сторам сè процесот да е достоинствен во рамки на можностите. Секако, нема да биде како до сега, ќе биде многу поинаку – рече Тошковски.