Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Бељуљи, доби 4 години затвор. Одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари доби 6 години затвор. Тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓоргиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски добија затвор од по 5 години, а возачот на автобусот Мануел Трифуновски доби затвор од 14 години.
На сите обвинети во казните им се пресметува времето во притвор, а сите обвинети добија забрана за вршење професија или дејност од по 5 години по истекот на затворската казна. Освен тоа, секој поединечно треба да плати по 10.000 денари и на оштетените да им ги надоместат трошоците за оваа постапка.
Одбраната на обвинетите во завршните зборови потенцираше дека во доказната постапка не се докажало тоа што им се става на товар на секој од обвинетите посебно и побараа ослободителна пресуда.
Јавниот обвинител Дарко Јакимовски побара најстрога казна, бидејќи, според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.
Најстрога казна тогаш побараа и оштетените, родители и роднини на загинатите во сообраќајната несреќа.
Во автобуската несреќа којашто се случи во 2019 година, животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени.