Врховниот суд објави соопштение во врска со одлуката за утврдување на право на сопственост на зградата на Сојузот на синдикатите, откако ССМ денеска одржа вонредна прес-конференција на која изнесе тврдења дека на коруптивен и незаконит начин им е одземена зградата.
Како што се вели во соопштението на Врховен суд ја донел пресудата за одземање на зградата од ССМ на 9 ноември 2023 година по жалба на државата во спорот за утврдување на сопственоста на зградата со Сојузот на синдикатите на Македонија.
Во образложението на пресудата се наведува дека Врховниот суд одлуката ја донел врз основа на член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998), според која имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.
„Предметниот објект-административна зграда и земјиште се сопственост на тужителот, согласно одредба од член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, бидејќи правниот претходник на тужениот, истите ги изградил и стекнал во поголем дел со средствата добиени од тужителот како правен следбеник на тогашната НР Македонија, а не со сопствени средства, со оглед дека истите во периодот на изградба на објектот, со својот правен субјективитет немал ниту можел да има сопствени средства“, се наведува во соопштението.
Судот наведува и дека во периодот кога е изградена зградата, правниот претходник на ССМ бил општествено политичка организација, која не обавувала стопанска дејност, поради што немала и не можела да има сопствени приходи за стекнување на имот.
Од Врховниот суд информираат и дека претседателот на Врховниот суд, согласно годишните распореди, од денот на изборот за претседател на Врховниот суд, не учествувал и не учествува во одлучувањето по предметите кои се наоѓаат пред Врховниот суд, ниту пак, има надлежност и овластување да влијае во донесувањето на одлуките, односно врз независноста на судиите во врска со одлучувањето по одделни предмети, согласно Законот за судовите.
Врховниот суд ја донел одлуката во совет составен од судиите Шпенд Деваја – претседател на советот, Јелица Крстевска, Наке Георгиев, Анита Бошковска и Исамедин Лимани – членови на Советот.