За надоместокот на куќната помошничка, потоа за лицето кое ги чува децата или старите лица, за ангажман на мајстор за поправки во домаќинството, потоа за аргати во земјоделството, келнери, хостеси, забавувачи во угостителството и во хотелите, како и за ангажман на градежни работници во градежништвото ќе треба да се плати придонес за пензиско осигурување и данок на доход (персонален данок).
Ова е содржано во законот за работно ангажирање на лица за вршење работи од привремена и повремена природа кој го подготвува Министерството за труд и социјална политика. Со него на мала врата се враќа плаќањето во кеш и даночење на надоместокот на луѓето кои се ангажираат во домаќинствата, но и дејности во кои се ангажираат сезонски работници – земјоделството, објекти за сместување и подготовка на храна и во градежништвото.
Со законот се овозможува работниците во овие дејности да се вработуваат по потреба и со можност да се плаќаат дневно и на крајот на ангажманот. Најдолг период на ангажирање на овие работници може да биде до 6 месеци, а работодавачите ќе можат нивните дневници да ги платат на трансакциска или во кеш, со тоа што ќе платат придонес за пензиско и инвалидско осигурување и данок на доход во најмал износ колку што е основицата на минимална плата и во највисок износ од 126.000 денари (2.000 евра) месечно колку што е дозволениот лимит за плаќање во кеш. Дополнително, доколку работникот добие професионално заболување или се повреди на работното место работодавачот ќе го плати и придонесот за здравственото осигурување.
Паричниот надоместок може да се исплати на крајот на работниот ден или најдоцна 5 дена по истекот на работниот ангажман, на трансакциска сметка или во готово со потврда потпишана од работодавачот и од работникот.
На работодавачите им се дава можност на ваков начин да ангажираат до 10% од вкупниот број вработени или најмалку 10 вработени. Работодавачот не смее да ангажира лице кое пред 3 месеци било ангажирано во редовен работен однос кај истиот работодавач.
Исплатата на надоместокот и уплатата на данокот и придонесот работодавачите ќе треба да го пријават во Управата за јавни приходи која ќе води посебна евиденција на ваквиот вид уплати.
Со законот се утврдува дека на ваков начин ќе можат да се ангажираат невработени, пензионери, лица кои добиваат социјални надоместоци кои притоа нема да го изгубат правото на социјална и детска заштита, паричниот надоместок за невработени и пензијата.
Овие лица можат да се ангажираат во земјоделство, шумарство, рибарство за подготовка на земјиште, заштита на растенија, управување со земјоделски машини, пресадување и проретчување, кастрење, стрижење, нега на стока, берење зрнести плодови, берење јаболчести плодови, градинарски култури, тутун, сечење стебла уништување штетници, чистење, лупење, сортирање…
Во објекти за сместување и сервисни дејности за храна – шанкер бармен, собар, мијач на садови, доставувач на храна, аниматор, хостеса.
Во секторот домаќинство како работодавач – чување деца и стари лица, чистење, работи поврзани со чистење за потребите на станбени објекти – чистење, одржување и поправка.
Во градежништво за физички помошни работи на градежен објект (оградување на градилиште, поставување табли и слично) товар и истовар на градежни материјали, машини опрема и алати, пренесување материјали, суровини, алати на работно место, грижа за правилно товарење, истоварување на пренесување и подготовка на сите типови градежен материјал, рачен ископ…
Крајно нејасно и хибридно решение во кое во еден кош се ставаат физички лица кои ангажираат работници и правни лица во кои ангажманот на работници и плаќањето одат различно и со кое се уназадуваат правата на работниците, се нарушува конкуренцијата меѓу работодавачите и се зголемува сивата економија, велат експерти. Синдикатите, пак, сметаат дека ова решение не треба да важи за градежништвото и за земјоделскиот сектор каде што и сега голем број од правата на работниците не се узурпираат, а со плаќањето во кеш ќе се дозволи дел од парите никаде да не се евидентираат.
Професорот Здравко Савевски вели дека ова е едно од решенијата со кои владата се обидува да собере пари во буџетот и да покаже дека ги подобрува можностите за заработка на граѓаните, но крајно ги уназадува правата на работниците.
– Математиките на власта се погрешни. Ако сака да го зголеми бројот на вработени и да го спречи иселувањето со тоа што ќе им овозможи на работниците од овие сектори, каде што е увиден недостиг на работна сила, да земаат повисока плата, бидејќи работниците не одат во странство само за повисока плата, туку се разочарани од државата во која ја изгубиле довербата. Ако сепак платата е причина за одење во странство тогаш повторно системот не функционира бидејќи делот на бруто платата што ќе ја добијат во кеш секако ќе биде пониска од платата што би ја добиле во странство за истиот ангажман. Што значи системот нема да даде ефекти во однос на намалувањето на иселувањето на работниците од овие сектори – вели Савевски.
Напротив, додава тој, работниците на овој начин ќе добијат малку повисока плата од нето платата, а ќе изгубат добар дел од правата кои им следуваат со работниот однос, поврзани со уплатата на придонесите и остварувањето на стажот. Савевски смета дека со ова законско решение во градежништвото се прави уште еден упад во правата на работниците по оној за нивно прекувремено ангажирање.
– Кој може да гарантира дека работодавачите ќе уплатат соодветен износ на придонеси на износот на платата која ќе ја добие работникот во кеш. Работниците не добиваат ништо освен што на краток рок ќе добијат повисока плата за некој процент односно бруто-плата со помал износ на одбитоци (нешто помеѓу цел износ на бруто-плата и нето-плата), но ќе го изгубат правото да бидат пријавени 6 месеци и за нив да се уплатат вистинските придонеси кои ќе им бидат важни при пензионирањето. Што значи работниците на краток рок добиваат повисока плата, а на долг рок губат одредени права кои на овој начин им се узурпираат – вели Савевски.
Според него, покрај упадот во работничките права, владата со овој закон прави упад во почитувањето на правата од работодавачите и ја нарушува конкурентноста меѓу нив.
– На овој начин власта ги става во нерамноправна положба работодавачите кои плаќаат плата преку трансакциска сметка и ги плаќаат целосните придонеси. И не само тоа туку овозможува и други работодавачи да го применуваат истиот систем на исплата на плата и вработување на работници кои можат да ги менуваат секои 6 месеци, со што ќе се зголеми процентот на сива економија и враќање на системот за кој се боревме во минатото за плаќање плата во плико без уплата на придонесите – вели тој.
Економистот Маријанчо Николов вели дека засега има многу нејаснотии околу овој закон, но очекува дел од нив да се разјаснат со објавување на законското решение.
– Очекувам со законот да се појаснат дел од нејасните моменти што излегоа во јавност, јасно и прецизно да се утврдат сите обврски. Но, главно сметам дека со неговото донесување да не им се наштети на луѓето кои ќе бидат привремено вработени и на оние кои сега се вработени како сезонски работници – вели Николов.
Тој вели дека очекувал со овој закон да се овозможи дел од работниците кои одат на сезонска работа во странство да останат во земјата и да бидат ангажирани во наши компании.
Дел од економистите коментираат дека со законот се прави целосен хаос бидејќи се поистоветува работодавач во правно лице и физичко лице. При тоа нејасно е кој ќе треба да ги пресмета и плати придонесите кога домаќинство ќе ангажира куќна помошничка – семејството или ангажираниот работник и дали овие лица главно физички лица ќе можат да ги прават пресметките сами или ќе треба да ангажираат сметководител.
Истата дилема ја имаат и луѓето кои се ангажирани како куќни помошнички.
– Не знам како ќе ги пресметам јас тие придонеси и даноци, дали тоа ќе треба семејството што ме ангажира да го направи. Кој ќе го плаќа тоа? Дали тоа значи дека заработката ќе ми се преполови, што ќе добивам јас? Не можам да ја зголемам цената за услугата зашто и вака велат дека е висока – вели жена која заработува од чистење по куќи.
Во иста состојба се и граѓаните кои имаат потреба да ангажираат лица кои ќе им ги чуваат децата или старите лица.
Од ССМ кој учествувал во договарањето на ова законско решени имаат 5 забелешки кои се однесуваат на одредени пропусти во текстот. Синдикатите велат дека со ова законско решение владата само го штити сопствениот интерес – да собере пари во буџетот, половно ги штити работодавачите, но ги оштетува работниците. Тие не се согласуваат со плаќањето на надоместокот во кеш и бараат овој начин на плаќање да се избрише од законското решение. Исто така се забележува и на терминот краен рок на исплата на надоместокот кога во услови на ангажман на работникот на 6 месеци е нелогично платата да му се исплати по завршување на ангажманот. Според нив, во предлог текстот не е наведено какви права имаат работниците кои ќе бидат на работа во сабота, недела, празници, дали имаат право на платен одмор. Синдикатот исто така бара да се изземе градежништвото од овој закон.
Од синдикатот за градежништво велат дека доколку се прифати во законот да остане градежништвото ќе ги искористат сите средства на притисок бидејќи ваквиот начин на ангажман на градежни работници ќе го наруши целиот систем, а дел од работниците кои сега се пријавени да бидат отпуштени од работа и да се ангажираат како привремени и повремени работници.
– Очекуваме овој закон да не го прифатат пратениците бидејќи прави хаос во секторите градежништво и земјоделство каде што имаме и најголеми проблеми со правата на работниците. Доколку не се прифатат забелешките на синдикатите ќе ги искористиме сите расположливи средства за притисок законот да не се донесе или да се преработи бидејќи освен полнење на државната каса нема ништо добро за тие што ќе бидат ангажирани на овој начин. Посебно ќе биде проблематично ангажирањето на работници на еден ден или на неколку дена каде што работодавачите ќе сакаат да одбегнуваат да ги пријават парите што ги исплаќаат во кеш. На овој начин работодавачите ќе прибегнат кон отпуштање на работниците и ќе се обидат да ги ангажираат како привремени и повремени вработувања за кои ќе платат придонес за пензиско и данок на доход – вели претседателот на Синдикатот за градежништво Иван Пешевски.