Бугарија и Грција најавија дека ќе бараат финансиска помош „од сите можни меѓународни извори“, вклучително и од ЕУ и НАТО, за зајакнување и подобрување на меѓусебните транспортните врски.
Проектите, меѓу другите, вклучуваат изградба на Паневропскиот транспортен коридор 8, кој ги поврзува албанското пристаниште Драч со бугарското Варна и минува и низ земјава, како и на автопат од најголемото романско пристаниште Констанца до Солун, кој би минувал преку Варна и Бургас.
Според Софија, овие транспортни коридори се клучни за безбедноста на Источното крило на НАТО, имајќи ги предвид плановите за распоредување на бригада на Алијансата во Бугарија со над 1.500 војници.
– Бугарската Влада работи на комплексен договор со Грција од заеднички економски интерес. Откако ќе биде финализиран, ќе се користат сите можни инструменти за негова финансиска поддршка, бидејќи станува збор за сложени, големи и повеќекомпонентни проекти – посочија извори во Владата во Софија, додавајќи дека овие клучни проекти би можеле да се реализираат во рок од шест години.
Минатата недела бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев најави дека Бугарија ќе инвестира шест милијарди евра во изградба на цивилна инфраструктура, која ќе може да се користи и за воените цели, имајќи ги предвид ризиците од руската агресија во Украина, но не прецизираше од каде земјата ќе најде средства за оваа инвестиција.
Проектот за изградба на автопат меѓу Варна и Бургас во Бугарија се најавува уште од 70-те години на минатиот век, но за него се уште нема изготвено градежна документација. Овој автопат, чија должина би била 113 километри, досега не беше дел од европските транспортни коридори и немаше можност за финансирање на неговата изградба со средства од ЕУ, но по руската агресија врз Украина, овој коридор доби на стратешко значење.
До април годинава се очекува постигнување на договор за изработка на проценка за еколошките ризици од неговата изградба, која би требала да биде готова во текот на 2025 година, по што доколку нема законски пречки, изградбата на автопатот би можела да почне до крајот на следната година. Овој проект би претставувал делница од автопатот Констанца-Солун.