Најмалку 83 лица ги загубија животите за време на минатонеделниот леден бран што зафати големи делови од САД и сѐ уште трае, јавува „CBS News“.
Одделот за здравство на Тенеси потврди 19 смртни случаи поврзани со студ, додека официјални лица од Орегон потврдија 16 смртни случаи, вклучително и три лица кои починаа кога дрво падна врз нивниот автомобил, додека едно бебе, кое исто така беше во возилото, преживеа.
Повеќе смртни случаи беа пријавени од исток кон запад на САД во сојузните држави Илиноис, Пенсилванија, Мисисипи, Вашингтон, Кентаки, Висконсин, Њујорк, Њу Џерси и други.
Некои случаи сѐ уште се под истрага за да се потврди дека се поврзани со студеното време, вклучително и оние кои загинаа во сообраќајни несреќи.
Некои држави издадоа предупредувања до возачите да бидат особено внимателни поради мразот на патиштата, а државните претставници на Мисисипи им порачаа на своите сограѓани „да внимаваат на замрзнатите патишта и да возат само доколку е потребно“.
Студеното време продолжува низ САД, со десетици милиони луѓе кои се соочуваат со екстремно ниски температури.
Источниот брег на САД најверојатно ќе доживее некои од најстудените денови оваа зима, вклучувајќи ја и поблагата и потопла држава Флорида во јужна централна Америка.
На западниот брег на САД, во Орегон, вонредната состојба сè уште е на сила откако ледените бури оставија повеќе од 45.000 луѓе без струја, а жителите на Калифорнија, Ново Мексико и Индијана, како и Пенсилванија на источниот брег на земја, исто така се без струја.
Синоптичарите предвидуваа дека снегот и студеното време ќе продолжат до почетокот на следната недела, велејќи дека арктичкиот воздух ќе се комбинира со влагата од Мексиканскиот залив и ќе создаде замрзнато време од Оклахома до Илиноис.