Сестра ми работи во М-НАВ веќе 15 години или 12 години пред јас да станам министер за надворешни работи, рече Бујар Османи откако во јавноста повторно почна да се шири информацијата дека неговата сестра работи во М-НАВ.
– Таа работи таму од пред 15 години. За критериумите ќе ги прашате во М-НАВ. Тоа е 12 години пред јас да станам министер за надворешни работи. Веќе 15 години го давам истото образложение на секои избори, меѓутоа изборите го прават тоа, така што ќе играме по тие ноти – рече Османи.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера избегна да одговори на новинарско прашање за роднинските врски на функционерите и рече:
– Не сум портпарол на функционерите, чии роднини се вработени во МНАВ.
Надзорниот одбор во националниот давател за воздухопловни услуги М-НАВ денеска на седница закажана за 13:30 часот треба да ги разреши претседателот на Управниот одбор Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор Љубе Стаменковски и на нивно место да ги именува Хекуран Асани и Милан Кораќ, потврдија за МИА од службата за информирање во М-НАВ.
Со седницата за промените во раководството, Надзорниот одбор ќе постапи по насоките што ги доби од Владата на 9 јануари, а по упадот во институцијата на почетокот на месецов.
По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде се добива решение Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.
Претседател на Надзорниот одбор во М-НАВ е Кристијан Михајлоски, а членови Едмонд Калики и Димитар Џеков.
Како што информираа од Владата претходно, кандидатот за нов извршен директор Хекуран Асани е вработен во „М-НАВ“ А.Д. – Скопје од 2005, а од 2007 година ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 година се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 година е воедно и интруктор за областа контрола на летање (OJTI). Асани како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.
Милан Кораќ на позицијата извршен директор во СВТ во М-НАВ доаѓа од позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во „М-НАВ“. Кораќ пред позицијата во М-НАВ, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, на позицијата раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.
По препорака од Владата, Инспекторатот за труд веќе изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на „М-НАВ“ и синдикатите и треба да подготви записник.
фото: МИА