Македонската ракометна репрезентација вечер ќе го има својот последен настап на Европското првенство во Германија. Противник на избраниците на селекторот Кирил Лазаров, ќе биде репрезентацијата на Швајцарија.
Во првите две кола, Македонците забележаа очекувани два пораза, од Франција и од Германија, додека Швајцарците успеаја да им откинат бод на фаворизираните Французи.
Селекторот Кире Лазаров имаше само пофални зборови за Швајцарија, кој успеа да ја изненади моќната Франција и да освои бод, но смета дека Македонија има шанси за победа.
– Швајцарија вчера покажа дека е квалитетна репрезентација и одигра реми против олимпискиот шампион Франција. Тие кажаа и пред мечот против Германија дека очекуваат победа, имаат големи амбиции и очекувања од турнирот. Нас нè очекува тежок натпревар со квалитетен противник. Сепак, ако имаме некакви шанси против некого, тогаш тоа е Швајцарија. Свесни сме и им ја препуштаме фаворитската улога, но ние ќе дадеме сè од себе. Имаме многу работи за корегирање. Ако во нешто сме први, тогаш тоа е бројот на технички грешки, но ќе се обидеме да ги намалиме. Колку помалку грешки направиме на поставена одбрана, мислам дека ќе имаме поголеми шанси за подобар резултат. Швајцарците беа воодушевени од нашата игра против Франција, но секој ден е нов предизвик. Важно е како ќе се фокусираме на мечот, дали ќе имаме индивидуални или колективни проблеми. Се надевам дека ќе го дочекаме мечот со чисти глави и се надевам дека ќе одиграме поквалитетно и да победиме – вели Лазаров.
– Почнуваме од 0-0. Се подготвуваме за победа против Швајцарија, иако знаеме со каков квалитет располага противникот, поголемиот дел од нивните играчи настапуваат во Бундеслигата, најквалитетната лига на светот. Имаме еден ден да се подготвиме, видео анализа, тактичка замисла и да промениме нешто од претходните натпревари. Имаме квалитет, можеме да се носиме со Швајцарија повеќе отколку со Франција и Германија, па ќе видиме на крај – рече нашиот капитен Никола Митревски кој се надева дека ќе ги намалиме техничките грешки.
Од А-групата, Германија веќе обезбеди пласман во следната фаза, додека Франција само чудо може да ја спречи да не оди понатаму. Швајцарците ќе се надеваат на победата над Македонија со голема разлика и на што повисок пораз на „триколорите“ па со евентуална подобра гол-разлика да ги поминат на табелата.
Македонците кои се без ниту теоретски шанси за да ја поминат групата, посакуваат со позитивен резултат да го завршат ЕП и како третопласирани во групата да си обезбедат подобра позиција во мундијалските квалификации.
Натпреварот ќе се игра во Берлин вечер со почеток во 18 часот. Од 20:30 часот третото коло во А-групата ќе го заокружат Франција и Германија.