Почна пребројувањето на гласовите на денешните претседателски и парламентарни избори во Тајван, кои Кина ги прикажува како избор меѓу војна и мир додека го зголемува притисокот врз демократскиот остров што сака да го врати под своја закрила.
Избирачките места се затворија во 16 часот по локално време, а набргу потоа започна рачното пребројување на гласовите. До вечер треба да се знае исходот од претседателските избори.
Тајван се смета за пример за успешна демократија откако ги одржа првите директни претседателски избори во 1996 година, по децении авторитарно владеење.
Изборите би можеле да ја одредат насоката на политиката на самопрогласениот остров, кој Кина не го признава и го смета за дел од својата територија. За време на кампањата, освен прашањето за односите со Пекинг, во фокусот беа економските теми и високите цени на недвижностите.
Речиси 20 милиони луѓе имаа право на глас, а на изборите за претседател Во Тајван победува кандидатот со најмногу гласови, без втор круг.
Главни ривали на денешните избори беа владејачката Демократска напредна партија (ДПП) и опозицискиот Куоминтанг (КМТ). Ова се двете главни партии во Тајван од почетокот на деведесеттите години на минатиот век.
Утринава тајванското Министерство за одбрана повторно извести дека се забележани кинески балони како го преминуваат Тајванскиот теснец, од кои еден дури го прелета Тајван. Тоа е уште еден случај на ваков тип авиони да го прелетуваат теснецот, што стана акутно жариште на спорот меѓу двете земји, а за што Тајпеј неколку пати пријавуваше во текот на изминатиот месец. Овие кинески шпионски акции тајванското Министерство за одбрана ги опишува како психолошка војна и создавање закана за безбедноста на воздухопловството над теснецот.