Американскиот Стејт департмент одобри потенцијална продажба на Косово на 246 ракети „џавелин“ за проценета вредност од 75 милиони долари, објави Пентагон.
Носители на зделката ќе бидат „Џавелин Џоинт венчур“ (Javelin Joint Venture), составена од компаниите „Локид Мартин“ и „Рејтеон мисајлс и дифенс“ (Raytheon Missiles and Defense).
Предложената продажба ќе го подобри долгорочниот капацитет на Косово да го брани својот суверенитет и територијален интегритет, оцени Пентагон.
– Ракетите „Џавелин“ покажаа ефикасност во Украина, па дури и порано, и ги покриваат нашите потреби да бидеме подготвени да ја браниме нашата земја – изјави косовскиот министер за одбрана Ејуп Маќедонци.
Тој рече и дека Косово ќе биде подготвено да одговори на секој што го загрозува неговиот суверенитет, но и подготвено да придонесе за светскиот мир како дел од заедничките меѓународни операции.
Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, го информирал претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека САД одлучиле да го прифатат барањето на Косово за купување на противтенковски ракети „Џавелин“ и додаде дека Стејт департментот ќе проследи ова барање до Конгресот, кој ја започнува официјалната процедура.
Вучиќ истакнач дека оваа информација е „големо разочарување“ за Србија, но дека Белград заедно со САД „ќе работи на зачувување на српско-американските односи“, пренесе агенцијата Бета.
– За нас е од најголема важност мирот во регионот да не биде нарушен и Србија да продолжи да се однесува одговорно и да придонесува за стабилноста на Балканот – изјавил Вучиќ.