Две недели пред оставката, премиерот силен, ама на зборови

Lorita
By Lorita 14 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

„ВМРО-ДПМНЕ со задоволство ќе ја прифати иницијативата на премиерот Димитар Ковачевски за укинување на Балансерот за правична застапеност при вработување во јавната администрација и воведување на мерит-системот. Но, сепак, сметаме дека премиерот, чиј мандат ќе заврши за десетина дена, нема да собере храброст да го даде предлогот за гласање во Собранието“.

Вака поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во разговор за Плусинфо ја искоментира вчерашната изјава на Ковачевски дека чукнал часот за бришење на Балансерот.

Дека со две раце ќе гласаат за ваквиот предлог тврдат и лидерите на политичките партии на помалите етнички заедници во земјава, додека, пак, некои политички аналитичари со коишто разговаравме сметаат дека сѐ уште не е дојдено време за да се укине Балансерот.

Има расположение кај партиите

Нека го даде премиерот предлогот за укинување на Балансерот во Собранието, нека биде Владата овластен предлагач, а ние секако ќе го поддржиме. Но, имаме резерва кон оваа негова изјава, за која сметаме дека повеќе е декларативна отколку што тој навистина има некаков концепт за подобрување на мерит-системот во државата, ни изјави пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Досегашната методологија, односно Балансерот, предизвикува девијации во системот и злоупотреба на графата за етничка припадност, па Македонците се пишуваат како Албанци, Албанците како Турци, Турците како Срби…

Антонио МилошоскиПратеник, ВМРО-ДПМНЕ

– Ако има политичка волја, тогаш дефинитивно можат да се подобрат работите во однос на вработувањата по етничка основа. Досегашната методологија, односно Балансерот, предизвикува девијации во системот и злоупотреба на графата за етничка припадност, па Македонците се пишуваат како Албанци, Албанците како Турци, Турците како Срби… Тоа воопшто не му помага на системот да стане покомпетентен и институциите да станат постручни и помериторни. Така што, ако има политичка волја, тогаш возможно е да се подобри системот во корист на професионалноста во државните институции – вели Милошоски.

Тој не се согласува со тврдењето на некои политички експерти дека токму вработувањето партиски војници по  етнички клуч ја држи коалицијата на власт и дека евентуалното укинување на Балансерот ќе значи рушење на секоја власт што ќе го стори тоа.

– Тоа е прашање на политичка проценка и на тоа со колкаво мнозинство располага коалицијата на власт. Но, пак ќе кажам, ако премиерот во заминување сака да ја тестира волјата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш нека го предложи укинувањето на Балансерот како законски текст во Собранието. Сепак, јас сметам дека изјавата му беше изнудена поради преголемиот број скандали во изминатиот период. Со оваа изјава како да сакаше да се покрие себеси и да се изземе од одговорност – објаснува Милошоски.

Ако некој не забележува дека системот се злоупотребува, додава тој, тогаш погледнете што се случуваше во М-НАВ.

– Вработувањето по етничка основа не само што ѝ носи непрофесионалност на институцијата, туку може да предизвика и загрозување на бебедноста во институција којашто спаѓа во критична инфраструктура. Реакциите на партиите изненадувачки беа прилично слични, на иста линија, дека вака веќе не оди. Тоа е сигнал дека поголем број политички партии би биле расположени да се корегира овој веќе нефункционален систем којшто создава нефункционалност на институциите – изјави пратеникот.

- Advertisement -
Ad image

Нестручна, непрофесионална, неспособна администрација

Лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), Иван Стоиљковиќ, за Плусинфо забележува дека Балансерот е една голема смешка, но и една од најзлоупотребуваните алатки во државата.

Балансерот не помогна за да се воспостави правична застапеност, туку напротив, ја наруши правичната застапеност.

Иван СтоиљковиќЛидер на ДПСМ

– Една од најголемите придобивки што ги имаше нашата држава како оставштина од поранешната држава Југославија е токму администрацијата која беше подготвена и способна на секој начин да ја води државната управа, односно државните институции. А ние, преку Охридскиот рамковен договор во 2001 година, успеавме сето тоа да го уништиме. Сите стручни луѓе од администрацијата заминаа или во пензија или побегнаа од земјава. Голем дел од луѓето ја напуштија администрацијата поради ниските плати. Исто така, никој веќе не сака да работи во државната администрација поради тоа што е нестручна, непрофесионална, неспособна и не може да одговори на потребите на државата. Ние туркаме процес за членство во Европската Унија, а всушност не сфаќаме дека првата контрола врз администрацијата ќе даде претпоставувам катастрофални оценки. Администрацијата е таа којашто управува со државата, таа е јадрото на државните институции. Ако се сетиме на Втората светска војна, кога Германија ја окупира Данска, идното утро сите вработени во администрација на државата Данска беа на своите работни места – изјави Стоиљковиќ.

Тој вели дека би гласал за укинување на Балансерот.

- Advertisement -
Ad image

– Балансерот и така беше смешка и беше една од најзлоупотребуваните алатки во земјава. Балансерот не помогна за да се воспостави правична застапеност, туку напротив, ја наруши правичната застапеност. Погледнете што се случува во Министерството за култура, каде што има над 50% вработени Албанци. А верувам дека слична е состојбата и во другите институции. Веќе не се знае ни кој пие, ни кој плаќа. Ние сме држава која има еден од најголемите државни апарати, а има најмала продуктивност во работењето. Тоа е Македонија во една реченица кога станува збор за Балансерот. Ете, нека го даде премиерот овој предлог на гласање во Собранието, а јас ќе гласам со две раце – рече лидерот на ДПСМ.

Правичната застапеност да не се пипа!

Бејџан Иљас, лидер на Демократската партија на Турците во Македонија, предлага да се укине Балансерот, но тоа да не предизвика укинување и на правичната застапеност.

– Ако ги погледнеме начинот на работа и ако ги погледнеме секојдневните злоупотреби на етничката графа, тогаш не ни останува ништо друго освен да се согласиме дека е навистина дојдено времето за да се укине Балансерот. Според последните резултати во извештајот на Народниот правобранител, правичната застапеност во Македонија е на многу ниско ниво. Јас лично сметам дека правичната застапеност на некаков начин треба да продолжи да функционира, но Балансерот треба да замине во историјата. Тоа е нефункционален систем. На пример, за да се вработи еден Турчин или Србин во некоја државна институција, потребно е таа институција да објави оглас преку кој се нудат најмалку 15 работни места. Исто така, со Балансерот имаме една многу интересна ситуација кога се бара етничка припадност во некои места каде што нема припадници на помала етничка заедница. Така што, Балансерот не е во состојба да го поддржи духот на Рамковниот договор или уставната категорија правична застапеност. Јас сум за укинување на Балансерот, но мора да се запази на правичната застапеност – вели Иљас.

Бејџан ИљасЛидер на Демократската партија на Турците во Македонија

Секојдневно добиваме пријави и жалби за злоупотреба на графата за етничка припадност.

Секојдневно добиваме пријави и жалби за злоупотреба на графата за етничка припадност, додава лидерот на ДПСМ.

– Го видовте огласот на ГАК преку кој се бараа гинеколози Албанци или Турци. И можеби не е добро да се бараат лекари по Балансер, но факт е дека во многу институции, за жал, не може или нема можност да се вработат луѓе од помалите етнички заедници. Така што, јас лично би гласал за укинување на Балансерот, но само доколку претходно имаме јасен патоказ и образложение како ќе се продолжи без Балансерот. Ова прашање ќе го разгледаат органите на нашата партија и треба добро да размислиме на каков начин ќе ги одбраниме другите помали етнички заедници – изјави Иљас.

Уставен, а не политички принцип

Професорот по уставно право Јетон Шасивари, пак, смета дека механизмот Балансер треба да продолжи да се практикува и во иднина.

Не се работи за политички принцип едно општество за сите, туку за уставен принцип една држава за сите

Јетон ШасивариПрофесор по уставно право

– Не се работи за етничка припадност како професија, туку за соодветна и правична застапеност на граѓаните од сите заедници на сите нивоа на власта и на јавните институции како темелна вредност на нашиот уставен поредок. Сето ова е согласно уставниот амандман 6 од 2001 година кој како законско и електронско решение познато како веб-алатка Балансер досега одигра клучна и позитивна улога за градење на Северна Македонија како мултиетничка и рамноправна држава на граѓаните од сите заедници како конститутивен субјект на нашиот уставен систем – вели Шасивари во разговор за Плусинфо.

Тој вели дека во прашање е уставен, а не политички принцип.

– Ние речиси 20 години немавме попис на населението. Затоа во претстојниот период треба да се продолжи со овој механизам согласно пописните резултати од 2021 година, бидејќи се работи за еволутивна, а не за статистичка материја. Значи, во прашање е уставен, а не политички принцип. Имено, не се работи за политички принцип едно општество за сите, туку за уставен принцип една држава за сите – објасни професорот.

Балансерот за правична застапеност при вработувањето во јавната администрација и неговата замена со мерит-систем стана актуелен откако поранешниот министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити од редовите на Алтернатива направи промени во однос на процентуалната застапеност, која, пак, не се согласува со процентите од пописот.

Имено, во Балансерот се запишани повисоки проценти за застапеност на Албанците, Турците и Бошњаците, отколку што покажува пописот спроведен во 2021 година, додека помал е процентот за Македонци, Роми и Срби.

Единствено е точен процентот на Власите во земјава. Особена разлика се забележува кај Албанците, чиј процент во пописот изнесува 24,30 отсто, додека во Балансерот пишува дури 31,54 отсто. На ова имаше реакција од Државниот завод за статистика (ДЗС), од кадешто тврдат дека процентите и во Балансерот треба да бидат според резултатите од пописот на резидентното население.

Дека е дојдено време да се напушти Балансерот како модел за вработување во јавната администрација и да се воведе мерит-системот лани изјави и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој најави и отворање дискусија во Владата по ова прашање, но оттогаш, сѐ до вчерашната изјава на премиерот Ковачевски, за укинување на Балансерот никој и никогаш немаше спомнато.

Поранешниот Алити тогаш рече дека двата системи не се контрадикторни, но дека не е дојден моментот да се тргне Балансерот.

– Сè уште има институции каде има многу мала застапеност на заедниците. Не е дојден моментот да се тргне Балансерот. Со измените на законите подготвуваме механизми партиите да не можат да вработуваат свои луѓе, туку вработувањата да бидат според квалификациите и квалитетот на кандидатот – изјави тогаш Алити.

Стручни кадри, а не партиски војници

Трпе Дејановски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), во изјава за Плусинфо рече дека со или без Балансер, во јавната администрација треба да се вработуваат стручни кадри, а не партиски војници.

– Треба да се применува системот на квалитет и стручност при вработувањето во јавната администрација и во целиот јавен сектор. Кандидатите треба да ги исполнуваат сите посебни и општи критериуми, а при изборот треба да се оцени и стручноста и да се изберат најдобрите. Нам ни треба стручен кадар во администрацијата, не на партиски војници кои живеат на грбот на малкуте експерти кои ја извршуваат целата работа, а земаат далеку пониска плата од оние кои не работат – изјави Дејановски.

Според него, доволно е да се видат искуствата, но и да се спроведат законите во кои се предвидуваат управувањето со човечките ресурси според компетенциите.

Share This Article