Измените на Законот за Академијата за судии, според кои ќе се озакони писмено полагање на главниот тест за прием на новите 130 судии и обвинители, отвора можност за манишулација и човечко влијание, односно моженост владата во заминување да си намести луѓе кои утре од позиција на обвинители и судии ќе треба да ги заштитат одговорните за нивните скандали – обвини Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во објава на Фејсбук.
„Министерството за правда соопшти дека ќе го менуваат Законот за Академијата за судии со злоупотреба на европско знаменце, за да се озакони писмено полагање на главниот тест за прием на новите 130 судии и обвинители. Изговорот е заради непредвидени проблеми во набавката на електронски софтвер за полагање на квалификацискиот тест во Академијата за судии. Но, оваа манипулација се побива со чл. 55 од Законот за јавни набавки, каде доколку е нешто итно, може да се направи итна и неодложна набавка и на електронски софтвер со преговарање, без јавен оглас. Плус, во Македонија има најмалку 7-8 правни лица кои имаат соодветен електронски софтвер и опремени простории за електронско полагање на испити, вклучувајќи го тука и самиот Правен факултет „Јустинијан Први”, Скопје.
Да биде појасно, за разлика од електронското полагање, писменото полагање на квалификацискиот тест на Академијата значи човечко влијание, можност за манипулации, дополнително одговарање од страна на трето лице на неодговорените прашања и доделување на максимум поени на владините фаворити за судии и обвинители.
Повикувајќи се на свиркачи, Милошоски објавува коалициски договор, со кој, како што вели Милошоски, се разобличува брзањето на власта со злоупотреба на европското знаменце да го озакони писменото полагање на главниот испит.
„Според тој коалициски договор, од вкупно 130 идни судии и обвинители, според изворот од АСЈО, на Академијата ќе бидат запишани:
– 25 од листата утврдена од страна на ДУИ
– 20 од листата на Алијанса
– 45 од листата на СДСМ и
– 10 од помалите коалициони партии.
Останатите 30 судии и обвинители ќе бидат избрани од најдобрите меѓу преостанатите 200 пријавени кандидати.
Во следниве денови предлогот за измена на Законот за АСЈО со злоупотреба на европското знаменце се очекува да помине на Влада, а потоа експресно да стигне во Собрание. Целта е Законот да се изгласа по скратена постапка преку Комисијата за европски прашања, за до крајот на јануари да може да се организира фиктивното писмено полагање на квалификацискиот тест за судиите и обвинителите, од кои 100 се веќе однапред се утврдени“ – пишува меѓудругото Антонио Милошоски.