Владата планира да гради уште два енергетски капацитетa со помош на стратешки инвеститори. Станува збор за две гасно-водородни централи кои ќе се градат во Неготино и во Битола, а кои треба да ги заменат РЕК Битола, која треба да се затвори до 2030 година, и ТЕЦ Неготино.
Според она што беше соопштено од вчерашната владина седница, гасно-водородната централа во Неготино треба да биде со моќност од 800MW, а таа во Битола со 250 – 300MW. Проектите официјално треба да се реализира преку ЕСМ, кое треба да почне преговори со потенцијални стратешки инвеститори. Засега нема повеќе детали за најавените централи.
Претходно премиерот Димитар Ковачевски најави дека во тек се преговори со голем американски инвеститор за изградба на овие централи. Имаше и информации дека првиот блок на РЕК Битола ќе биде трансформиран во гасна централа, како и ТЕЦ Неготино, додека во Скопје за градба на ваква постројка бил заинтересиран грчки „Митилинеос“. Потоа беше соопштено дека гасната централа во Битола ќе биде сосема нов објект, кој би требало да се гради во близина на Блок 3 на РЕК Битола. Односно, нема да има адаптирање на инсталациите во сегашната термоелектрана и нивна пренамена за работа на гас, туку ќе се гради нов објект. Тогаш беше соопштено и дека Блок 1 ќе се изгасне во 2026 година, а до тогаш треба да биде изградена гасната електрана.
Што ќе произлезе од најновата одлука на владата за изградба на две големи гасно-водородни централи ќе се види во наредниот период, но најавата отвора дилеми дали енергетските објекти државата треба да ги гради сама или да ги даде на странски инвеститори. Посебно проблематично е тоа што овие два објекта ќе треба да бидат замена за сегашните најголеми енергетски објекти кои, поради тоа што се на погон на фосилни горива (јаглен и мазут), треба да се затворат.
Експерти се согласуваат дека земјава треба да гради нови енергетски објекти кои ќе треба да ги заменат термоелектраните на јаглен и мазут, но очекуваат изградбата да ја реализира државата со сопствени средства или со кредити. Доколку се одлучи за странски инвеститор, државата мора да задржи најголем процент од сопственоста, предупредуваат експертите.
– Мислам дека повторно ќе го имаме истиот проблем како и со ХЕЦ Чебрен, односно поголемиот дел од сопственоста на енергетските капацитети да му биде дадена на странскиот партнер. Познато е дека странецот сака да заработи од инвестицијата и ќе сака струјата да ја продава по берзански цени, а нас ни треба енергетски капацитет кој ќе произведува поевтина струја за домашниот пазар. Сметам дека кога станува збор за енергетски проекти и енергетската независност на земјата, најдобро е државата сама да ги гради, но, ако се одлучува друг да ги гради, тогаш мора да обезбеди сопственост од најмалку 51% што ќе ѝ даде можност на државата да одлучува таа струја да се продава на домашниот пазар по производна цена. Уште повеќе е значајно овие објекти да бидат во државна сопственост бидејќи треба да ги заменат најголемите производни капацитети кои сега произведуваат 75% од домашната електрична енергија – вели професорот Ристо Цицонков.
Тој се залага гасните централи, кои се планира да се градат, да бидат комбинирани што ќе биде поекономична варијанта, односно ќе се користи струја и топлинска енергија за загревање на градовите, и затоа предлага нивната моќност да биде помала и наместо две да се изградат повеќе централи, но со помала моќност.
– Двете најавени централи треба да бидат комбинирани (Те-то) односно да произведуваат струја и топлинска енергија која ќе се користи за загревање на градовите или за загревање можеби и на оранжериско производство во регионите каде што ќе се градат. Затоа е подобро гасните централи да бидат помали по моќност и да бидат повеќе на број, на пример да се изградат во близина на Битола, Неготино, Тетово и можеби и Скопје, како што беше планирано во енергетската стратегија. Вака како што е планирано топлинската енергија речиси и да нема да се користи. Неготинската централа ќе биде многу моќна (800 MW) и ќе произведува околу 600 мегавати топлина, но каде ќе се користи таа? Ако се гради кај сегашната ТЕЦ Неготино има неповолна местоположба за користење на топлинската енергија. За да се користи топлината дополнително ќе треба да ангажира големи средства за изградба на топловоди до поблиските градови. Централата во РЕК Битола би произведувала 200 мегавати топлинска енергија, од која би се потрошиле околу 100 мегавати за загревање на Битола. Каде ќе оди тогаш остатокот од енергијата? – прашува Цицонков.
Во однос на најавата дека централите ќе бидат гасно-водородни, тој вели дека е добро да се овозможи адаптирање на водород како гориво, но додава дека ова гориво сè уште е многу скапо за производство и уште поскапо е од увоз.
– Водородот е гориво на иднината, но сега е едно од најскапите, па и производството на струјата ќе биде скапо со овој енергенс. Не може да се каже кога ова гориво ќе се произведува масовно и кога ќе стане евтино, можеби за 8,10 или 20 и повеќе години. Нас струјата ни треба многу побрзо и треба да се фокусираме на можноста да го користиме гасот како гориво, со можност постројките да се прилагодат на користење водород како погонско гориво – вели тој.
Поранешниот раководител во РЕК Битола Спиро Мавровски вели дека земјава доцни со реализација на енергетските капацитети кои треба да ги заменат капацитетите на фосилни горива, но се залага да се направи доба анализа пред да се одлучи кој и како ќе ги гради
– Со години се најавуваат гасните централи, но нема никаква реализација. Освен тоа, и да се изградат овие капацитети проблем е обезбедувањето гас или водород. Ние не ги изградивме гасоводите од кои треба да се обезбедува погонско гориво за нив, за кое не се знае ниту по која цена ќе треба да го набавуваме во иднина. Без да се даде одговор на тоа како и кога ќе се направи гасовод до РЕК Битола и од каде ќе се носи гас, нереално е да размислуваме дека овие централи ќе можат да функционираат брзо. При реализација на вакви проекти, кои бараат обемна подготвителна работа и големи финансиски средства, времето многу брзо минува и ќе се покаже дека ова е само една неостварена желба на сегашнава власт бидејќи имаме избори пред нас, а одлуките се носат во последен момент и без темелна анализа. Да заклучам, ако не ги изградиме нив и ХЕЦ Чебрен колку што е можно побрзо, ние нема да можеме да ја исклучиме РЕК Битола или ќе треба да увезуваме најголем дел од струјата по непознати цени – вели Мавровски.
Тој предлага во одлуката како ќе се градат овие централи, во каков облик и колкава моќност да се вклучи експертската јавност која ќе најде најсоодветни и економски најквалитетни решенија.
– Практиката покажа дека проектите лесно пропаѓаат кога не се вклучуваат експертите. Таков беше примерот и со ХЕЦ Чебрен. Затоа овој пат експерти треба да кажат дали ваквите стратешки проекти треба да ги градиме сами како држава, со колкава моќност да бидат и кои се економски издржани варијанти за нивна изградба – додава тој.
Земјава се обврза дека до 2030 година ќе го замени целокупното производство на струја од јаглен и мазут. За таа цел треба да ја затвори РЕК Битола и да ја пренамени ТЕЦ Неготино на друго погонско гориво.
ТЕЦ „Битола располага со три агрегати, чијашто збирна моќност изнесува 700 мегавати. Со овој потенцијал комбинатот учествува со повеќе од 75% во вкупното производство на електрична енергија во земјава.
Централата во Неготино има моќ од 195 мегавати, дневно може да преработи 1.200 тони мазут и од него за 24 часа да произведе 4.680 мегават-часови електрична енергија, со што може да се задоволат дури 20% од македонската потрошувачка на електрична енергија.