Руски железнички мост, лоциран јужно од Хранитна, приближно 40 километри северно од Азовското Море и 80 километри јужно од фронтот во окупирана југоисточна Украина, бил уништен во украински ракетен напад. Овој настан претставува важен момент во тековната војна, истакнувајќи ја виталната улога на логистиката.
Украинските сили го гаѓаа речиси завршениот мост над реката Калмиус, што значително ги наруши руските напори за подобрување на логистичките линии кон Крим, пишува Форбс.
-Украинците штотуку ја разнесоа големата руска логистичка операција и го поништија речиси половина година сериозно руско планирање за снабдување – напиша Стефан Корша, висок дописник за одбрана за весникот Киев пост.
Руската војска користи три главни средства за транспорт на големи количества опрема на своите сили во јужна Украина: по морски пат до Крим, по пат и железница преку Кримскиот мост и со железница преку југоисточна Украина.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година, Украинците ги нападнаа сите три линии. Украинските проектили и беспилотни летала оштетија или потопија бродови на руската флота, што ги прави кримските пристаништа крајно опасни. Цел на напади беше и мостот на Крим. Главната копнена железничка рута минува блиску до фронтот, ставајќи ја во домет на украинските хаубици, олеснувајќи ги нападите врз возовите и железницата. Поради овие напади, Русите започнаа со изградба на четврта линија за снабдување – крајбрежна железница, која иако е во дострелот на руската артилерија, не е постојано изложена на напади со хаубици.
Новата железница мора да ја премине реката Калмиус, која тече низ Хранитне и се влева во Азовското Море кај Мариупол, град под руска окупација од раните фази на војната. Работата на мостот започна во септември и веројатно беше речиси завршена кога Украинците го нападнаа овој викенд, користејќи американски ракетни системи ХИМАРС.
– Ако некој сака да се потсмева на одлучувањето во руската војска, веројатно ќе го најде ова како пример за помалку од брилијантно планирање: руската војска потроши многу инженерски напор за изградба на железнички мост преку река која е во цел дострел на украински ракети со прецизно наведување и блиску до украинскиот град врз кој Русите фрлаат гранати веќе осум години – пишува Корша.
– Ако не сте обожавател на Кремљ, можеби во ова ќе ја видите украинската смисла за хумор: тие чекаа цели пет месеци од почетокот на изградбата на мостот пред да го разнесат со еден потег и да ги вратат руските градители назад на нула – заклучува тој.