Во САД се справуваат со снежни виулици, силен дожд и ветер, па дури и торнада се јавуваат од југ. Стотици илјади домаќинства останаа без струја, силниот ветер собори дрвја и уништи куќи, а парализиран е и воздушниот сообраќај. Според последните информации, најмалку три лица загинале.
Поројни поплави, удари на ветер со брзина од 80 километри на час и грмотевици беа пријавени во вторник од источниот дел на САД. Гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи, во изјава за локалните медиуми предупреди дека се работи за необична бура која донела околу 100 милиметри дожд.
Југоисточниот дел на САД, вклучително и Флорида, беше погоден од торнада кои уништија куќи и соборија дрвја. Вкупно три смртни случаи се пријавени од Алабама, Северна Каролина и Џорџија во врска со невремето, вклучително и од соборени дрвја и превртени мобилни куќи.
Околу 890.000 корисници останаа без струја во вторникот вечерта, главно во источниот дел на САД.
Во меѓувреме, обилни врнежи од снег се пријавуваат од централниот дел на земјава, дури пет сантиметри снег на час. Најлошо е на американскиот среден запад, а фронтот се движи кон север. На северозападот од земјата беше издадено првото предупредување за снежна бура во последната деценија за Каскадата и Олимписките планини. Снежното невреме се очекува да продолжи и денеска. Очекуваат вкупно да наврнат неколку десетици сантиметри снег.
Временските услови влијаат и на воздушниот сообраќај, бидејќи во вторникот беа откажани повеќе од 1.300 летови, а околу 8.600 беа одложени. Некои од откажувањата се поврзани со приземјувањето на авионите Боинг 737 Макс 9 по неодамнешната несреќа.