Снежното невреме, проследено со пад на температурите, веќе стаса во Хрватска и во Србија, а од вечерва снег може да се очекува и во Македонија.
Автопатот од Белград до границата со Хрватска е целосно под снежна покривка. Во Хрватска, пак, на сила е црвен метео аларм, поради ураганските ветришта во неколку места, а многу патишта се целосно затворени или за одредени категории возила.
Порталот index.hr најавува урагански ветрови со сила и до 200 километри на час.
Најтешка е ситуацијата во регионот на Риека, во Кварнерскиот и во Велебитскиот канал, поради силната бура, која се очекува да се засили во текот на ноќта. Кај Велебит се очекуваат оркански удари и до 170 километри на час, јавува ХРТ.
По должината на брегот на северниот дел на Јадранот, вечерва може да има снег со ветер. Хрватските метеоролози предупредуваат дека поради студеното време врнежите од дожд ќе преминат во лапавица и снег во некои делови од земјата, особено во западна Славонија.
И во Србија е најавен леден бран веднаш по Божик, со пад на температурите и со снег до 20 сантиметри снег. Метеорологот Иван Ристиќ за порталот Курир вели дека во понеделник и во вторник во текот на денот во Србија ќе врне снег.
– Се очекува формирање на снежна покривка од 10 до 20 сантиметри, а пред нас се две вистински зимски недели. Максималните дневни температури до крајот на оваа недела ќе бидат од -5 до 0 степени, додека од среда се очекуваат благ до силен мраз – вели Ристиќ.
Метеопрогнозерот Славчо Поповски вели дека студениот бран од Арктикот пристигна на Балканот и ќе донесе снег на многу места. Вечерва доаѓа и во делови од градовите низ Македонија.
Утринските температури понекаде ќе се спуштат и до -10 степени. Во Скопје се очекува провејување на снег, особено во повисоките предели од котлината и на околните планини.
Сето ова ќе биде проследено и со северен ветер, кој повремено ќе биде со засилен интензитет.
фото: МИА