Блокади на автопатишта, колони автомобили, сообраќаен метеж. Во Германија утрово почнаа протестите на земјоделците против укинувањето на субвенциите.
Како што пишува Дојче веле, денеска практично нема да има дел од Германија што ќе функционира нормално. На патиштата ќе има илјадници трактори – во протестот што германските земјоделци го најавуваат како најголем во историјата.
Списокот на градови и автопати чии блокади се најавуваат е долг. Надлежните ги повикаа граѓаните денеска да користат железнички превоз и да се откажат од возењето.
Работодавците им укажуваат на луѓето да работат од дома каде што е можно, а училиштата ќе го оправдаат отсуството на децата.
Германските земјоделци започнаа еднонеделни протести во понеделник претпладнето како одговор на планот на владата за постепено укинување на земјоделските субвенции, додека коалициската влада се бори да ги доведе своите финансии во ред.
Минатиот месец, лидерите на трипартитната коалиција на канцеларот Олаф Шолц ги открија плановите за штедење за затворање на дупката од 17 милијарди евра во буџетот за 2024 година. Планот беше да се намалат даночните кредити за земјоделското дизел годиво и да се укинат ослободувањата од државната такса за земјоделските возила, што предизвика големо незадоволство и протести на германските земјоделци кои го окупираа Берлин со трактори.