Иван Ванчо Михајлов е чист како солза за историчарите, велат нашите соговорници, кои реагираат на изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, кој оваа историска личност ја нарече контроверзна.
– Нема ништо контроверзно во ликот и делото на Ванчо Михајлов, тој е чист како солза. За нас историчарите тој е бугаризиран Македонец. Во интервјуата што тој ги дава пред својата смрт, Михајлов за Македонците ја користи придавката говеда – вели за Плусинфо историчарот Ѓорѓи Чакарјаневски.
Тој реагира на изјавата на премиерот на македонската влада Димитар Ковачевски, за кого Ванчо Михајлов е контроверзна историска личност, која за дел од граѓаните на Македонија е прифатлива. Премиерот изјавата ја даде како реакција на формирањето на културниот центар на Бугарите од Битола „Иван Михајлов“, на чие отвoрање дојдоа бугарскиот премиер Кирил Петков, неговата заменичка Илијана Јотова, како и други политичари и јавни личности од Софија.
– Ваквата политика што ја тера бугарската држава е спротивно на интенцијата за помирување на двата народа. Ванчо Михајлов е последната историска личност и за Бугарите и за Македонците, која би можела да биде некаков мост на спојување. Се работи човек кој наредил повеќе од 200 убиства и кој отворено соработувал со фашисти и со нацисти. Во 1941 година тој заминува во Загреб, каде од поглаварот на Независна Држава Хрватска , Анте Павелиќ, на располагање добива вила во елитниот дел на градот, службено возило и обезбедување. Тој е соработник на Павелиќ, но и на Адолф Хитлер – додава нашиот соговорник.
Дека Михајлов е личноста за која не би смеело да се помисли дека треба да добива какви било почести во Македонија, согласен е и вториот историчар што го контактиравме.
– Ванчо Михајлов доаѓа на чело на ВМРО во 1924 година, по што повеќе од 4.000 Македонци во Бугарија гинат во чистките и братоубиствената војна започната од негова страна. Михајлов, исто како и неговиот ментор Тодор Александров е бугаризиран Македонец и историчарите немаат дилема околу тоа – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Тој вели дека Михајлов не може да послужи како некаков мост за соработка на две држави, бидејќи е негативна историска личност и за Македонците и за Бугарите.
– Не е спорно тоа што неговата восочна фигура е изложена во музејот на ВМРО во Скопје, но мора да се постави и објаснување за каква историска личност се работи. Мора на сите да им стане јасно дека Михајлов не ја признавал македонската нација и македонскиот јазик – додава Чепреганов.
Копретседателот на Комисија за историја, Драги Ѓоргиев, смета дека културниот центар во Битола, кој го носи името на Иван Михајлов е смислена провокација, која во исто време испраќа и одредена порака.
– Станува збор за историска личност која поради нејзините идеи за непостоење на македонската нација, кај Македонците има добиено крајно негативна содржина. И кога името на таква личност се наметнува како назив на културен клуб на територијата на македонската држава, а притоа таа личност нема никаква врска со културата, тогаш тоа може да се сфати единствено како арогантна провокација, па дури и како чин кој преминува на спротивната страна од т.н. пријателство“, оценува Ѓоргиев во изјавата за Дојче веле.
Тој додава и дека сега ќе биде многу тешко да се направи било каков компромис во комисијата, но и воопшто во преговорите помеѓу Македонија и Бугарија.
– За жал, ваквиот чин ги минира и ги доведува во прашање и сите други обиди да се најде решение за недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија. На овој начин се задушуваат и така сé помалубројните и сé потивки гласови на разумот на двете страни и се рушат и последните надежи за пристоен дијалог. Уште потажно е и тоа што е злоупотребена културата, еден од ретките мостови меѓу двата народи
Од македонските функционери, недвосмислено и јасно единствено претседателот Стево Пендаровски реагираше на отворањето на културниот центар во Битола, потенцирајќи дека еден соработник на хитлеровиот режим не може да биде претставен како мост на добрососедство.