Денеска сме тука за да изјавиме дека трпението ни е при крај. Апелиравме до претседателот на Собранието Талат Џафери да не го узурпира правото на опозицијата да биде застапена во ДИК, но и покрај нашите напори да го почитуваме Изборниот законик, ДУИ по секоја цена измислува пречки како да создаде предуслови за манипулација на изборниот процес, со цел да се ублажи поразот што ќе ѝ се случи на 8. мај. Алатката со која ја извршува оваа задача е токму Талат Џафери – изјавија денеска претставници на Европскиот сојуз за промени.
„Како да не се доволни партиските вработувања, наместените тендери, притисоците врз судиите, партиските портали, притисоците врз сите што не мислат како нив, a сега очите им се вперени и во ДИК.
Затоа, тука сме да изјавиме дека од денеска, пратеничката група на Европскиот сојуз за промени нема да учествува во работата на Собранието, сѐ додека на дневен ред на пленарна седница не се стави нашиот кандидат за член на ДИК, Абдуш Демири. Ова е само првиот чекор. Очекуваме македонската опозиција да остане лојална на изјавата дека ќе ја напуштат ДИК доколку албанската опозиција не постави свој член во ДИК. Навистина, заштитата на нашето право за поставување на член во ДИК не е само наш политички интерес, туку со тоа се заштитени и темелите за слободни, фер и демократски избори. Затоа и техничката влада ќе ни биде бескорисна ако ДИК остане некомплетна или соодносот на нејзините членови остане 5:2 во корист на власта.
Ако и после ова, мнозинството и претседателот на Собранието продолжат да го саботираат нашето право за член во ДИК, ќе бидеме принудени да ги заостриме опозициските мерки. Дали ќе ги блокираме избирачките места во Чаир и Тетово или ќе има некоја порадикална мерка, тоа ќе го разгледаме како коалиција, но додека ова мнозинство се однесува арогантно кон едно законско право, додека институциите на правдата оглувуваат, ние веќе не чувствуваме обврска кон никого. Само една работа треба да знаат сите – нема да дозволиме полнење кутии по секоја цена. Нека размисли оваа власт кој губи од ова! Ако на некому му одговара политичка криза и тензии, нека се знае дека виновник за таа ситуација ќе биде владата на Република Северна Македонија.
Од тука апелираме и до нашите стратешки сојузници, САД и земјите од ЕУ, да престанат со оваа узурпација на ДИК наметната од ДУИ, која сакајќи да избега од загубата, сака да предизвика тензии, а вината да ја препушти на некој друг. Оваа метода веќе не поминува. Срамота е за една земја членка на НАТО, која чека да започне преговори за влез во ЕУ, да проблематизира вака јасно и правно прашање само затоа што ДУИ не сака да оди во опозиција.
Но како и да е, Европскиот сојуз за промени ќе победи со или без членот во ДИК. Ние сигурно нема да дозволиме да се краде волјата на граѓаните и секој глас ќе го браниме со живот, но нека знаат дека и овој напор не ги спасува од пораз. Прво ќе ги поразиме па потоа ќе ги казниме за овие прекршувања на законот“ – се вели во соопштението на Европски сојуз за промени.