Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека не се плаши од предупредувањето на САД дека ќе реагираат во случај некој да се обиде да го прекрши Дејтонскиот договор и дека „административната граница меѓу Република Српска и Федерацијата БиХ ќе се претвори во национална граница“.
– Не сум ирационален и знам дека американскиот одговор ќе биде употреба на сила, но немам причина да се плашам од тоа и да ги жртвувам националните интереси на Србите поради таа причина – рече Додик во интервју за АП.
Тој изјави дека секој обид да се искористи меѓународната интервенција за дополнително зајакнување на мултиетничките институции на Босна и Херцеговина ќе биде пресретнат со одлука на Србите целосно да ги напуштат.
-Бидејќи тоа нема да биде прифатливо за западните демократии, во следната фаза ќе бидеме принудени да прогласиме целосна независност на Република Српска поради нивната реакција – рече Додик.
Претседателот на Република Српска посочува дека за Србите е дефинитивно јасно дека наредните години и децении ќе бидат период на национално обединување.
– Брисел го користи ветувањето за влез во ЕУ како алатка за обединување на Босна и Херцеговина. Во принцип, нашата политика сè уште е дека сакаме пристап во ЕУ, но веќе не го гледаме како наша единствена алтернатива – рече Додик.
Тој посочи дека ЕУ „докажа“ дека е способна да работи против сопствените интереси со тоа што застана на страната на Вашингтон и против Москва во врска со настаните во Украина.
– На САД и на Велика Британија може да не им се допаѓа, но ние административната граница меѓу двата ентитета ќе ја претвориме во наша национална граница – рече Додик.
Помошникот американски државен секретар Џејмс О’Брајан во петокот изјави дека САД цврсто се на ставот дека нема да има отцепување во Босна и Херцеговина и дека Америка ќе реагира во случај „некој да се обиде да го прекрши Дејтонскиот договор“.