Руските власти објавија дека 14 лица, меѓу кои две деца, загинале во неселективни украински напади и дека Украинците користеле касетни бомби за време на нападот на Белгород.
„За време на нападот на Белгород, Киев користел проектили со касетни бомби“ – соопшти денеска руското Министерство за одбрана, нарекувајќи го нападот „злосторство“.
Според конвенцијата на ОН од 2008 година, касетната муниција е забранета во повеќе од 110 земји поради екстремната опасност што ја претставуваат за цивилите.
„Киевскиот режим користеше неколку ракетни фрлачи со повеќе цевки. Еден од нив беше украинскиот систем Олха, кој може да истрела 12 наведувани проектили во еден рафал. Ракетите Олха беа опремени со боеви глави со касетни бомби“ – соопшти руското Министерство за одбрана.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, за државната новинска агенција РИА изјави дека Русија побарала состанок на Советот за безбедност на ОН за да разговара за инцидентот.
– Терористичкиот напад врз Белгород ќе биде предмет на постапка во Советот за безбедност на ОН. Зад терористичкиот напад стои Велика Британија, која во координација со САД го поттикнува режимот на Киев на терористички акции, бидејќи препозна дека контраофанзивата на украинските вооружени сили не успеа – изјавила Захарова, пренесе ДПА.