ЕУ е сериозно загрижена за законодавството и иницијативите во ентитетот Република Српска, вклучително и сецесионистичка реторика и доведување во прашање уставниот поредок на земјата, сметајќи дека се во спротивност со патот на Босна и Херцеговина кон Европската унија, изјави Европската комисија за N1.
Тие нагласуваат дека е неопходно да се зачува суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок и меѓународниот идентитет на Босна и Херцеговина.
„Сите активности насочени против овие принципи ќе доведат до сериозни последици“, предупредуваат тие во Брисел.
Тие ги повикуваат сите политички актери во Босна и Херцеговина да се воздржат од реторика и активности кои водат кон поделби, особено оние кои го доведуваат во прашање суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на земјата.
„Ја повторуваме нашата недвосмислена посветеност на перспективата на Босна и Херцеговина во ЕУ како единствена, обединета и суверена земја“, соопшти Европската комисија за N1.
Во Брисел потсетуваат дека владеењето на правото е „камен-темелник“ за пристапниот процес, нагласувајќи дека тоа мора да се почитува.
„Тоа важи и за почитување на одлуките на Уставниот суд“, велат во Брисел и додаваат дека сите прашања поврзани со државниот имот „треба да се регулираат со закон на државно ниво, за што треба да се договорат сите парламентарни партии“.