Три пиштоли се прнајдени на местото на убиството во тетовското село Челопек, каде вчера 59-годишен жител на селото уби двајца и рани уште еден сосед.
Убиените се татко и син на возраст од 52 и 28 години, повредениот е 54-годишник, а сите се роднини на осомничениот убиец.
Телата на починатите се дадени на обдукција, информира Полициското одделение во Жеровјане.
– На 27.12.2023 околу 14.30 часот во село Челопек, Тетовско, полициски службеници од СВР Тетово, Полициско одделение Жеровјане го лишиле од слобода И.И.(59) од село Челопек, постапувајќи по пријава дека околу 14.10 часот во селото со огнено оружје ги усмртил неговите роднини Ф.Џ.(52) и М.Џ.(28), а го повредил А.Џ.(54), сите од истото село. Осомничениот, кој, исто така, бил повреден од огнено оружје, бил приведен во полициска станица и пренесен во Клиничка болница Тетово за укажување лекарска помош, информираше денеска портпаролот Марјан Јосифоски.
Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Тетово.
При увидот биле пронајдени и одземени три пиштоли. Еден пиштол е одземен од приведениот, а останатите два биле пронајдени во непосредна близина на починатите Ф.Џ. и М.Џ.. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите биле дадени на обдукција, информираше портпаролот Јосифоски.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски мотивот за убиството биле нерасчистени имотно-правни односи.
По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.