Руските напади во Украина стивнале последните неколку денови откако силите на Киев соборија неколку руски воени авиони, тврди ИСВ, Институтот за истражување на војната во САД. Наместо авиони, во последните денови Русите ги зголемиле нападите со дронови во Бахмут и Купјанск, се вели во анализата.
„Намалената руска употреба на лејд бомби сугерира дека руските сили се загрижени за способностите на украинската воздушна одбрана по неодамнешните загуби“.
Њузвик пишува дека Украина не откри како точно биле соборени трите руски авиони. Сепак, руските воени блогери изразија загриженост за воздушната одбрана на Украина, а една верзија сугерира дека Киев можеби користел ракета земја-воздух МИМ-104 „Патриот“.
Додека руската страна доцна во петокот потврди соборување на само еден Су-34, утринава избија вестите за нов голем украински удар – бродот Новочеркаск на пристаништето Феодосија на Крим, а руската страна потврди дека бродот бил оштетен.
Рускиот шеф на Крим, Сергеј Аксјонов ја потврди веста која претходно споделувајќи видео ја обзнани командантот на украинските воздухопловни сили генерал-полковник Микола Олешчук.
Снимката од силната експлозија ги обиколи социјалните мрежи. Аксјонов додаде и дека шест згради биле оштетени, едно лице било убиено, а неколку други повредени и преместени во центрите за привремено сместување. Пожарот, според руските власти, бил брзо локализиран.
На сателитските снимки може да се види брод кој е со иста должина како Новочеркаск, иако снимките од нападот не се официјално потврдени.