Осум земји членки на ЕУ не ги почитуваат правата на сезонските работници, оценува во официјално предупредување, Европската комисија. Комисијата покрена постапка против нив.
Комисијата смета дека Чешката Република, Франција, Хрватска, Унгарија, Малта, Холандија, Австрија и Полска неправилно пренеле и/или имплементирале некои обврски од директивата за сезонски работници.
Целта на оваа директива е да обезбеди правични и транспарентни правила за прием на сезонски работници од трети земји во ЕУ и да гарантира пристојни услови за работа и живот, еднакви права и соодветна заштита од експлоатација низ ЕУ за работниците кои доаѓаат од трети земји.
Овие земји-членки имаат рок од 2 месеца да ги преземат неопходните мерки за отстранување на недостатоците што ги утврди Комисијата.
Доколку не добие задоволителен одговор, Европската комисија може да им испрати аргументирани мислења.
Комисијата го започна првиот сет на прекршочни постапки во април 2023 година со испраќање формални предупредувања до Белгија, Бугарија, Германија, Естонија, Грција, Италија, Кипар, Латвија, Литванија и Луксембург.
Комисијата, како чувар на договорите на ЕУ, е одговорна за следење на тоа како земјите-членки ги применуваат европските закони и објавува пакет со прекршување на правата на ЕУ еднаш месечно.
Врз основа на сопствени истраги или поплаки од граѓани, фирми или други заинтересирани страни, поведува постапка за прекршување на правото на ЕУ.
Постапката има три чекори. Првото е испраќање официјално предупредување, а доколку не се реши работата со тоа предупредување, се испраќа образложено мислење во кое се бара да се обезбеди усогласеност со законодавството на ЕУ. Доколку земјата-членка сè уште не соработува, Комисијата може да го упати случајот до Судот на правдата на Европската унија. Повеќето случаи се решаваат пред да одат на суд.