Самохраната мајка на три деца која има 40 години ќе биде соперничка на рускиот претседател Владимир Путин на претстојните претседателски избори, но некои се сомневаат дека таа е „кукла на Кремљ“. Екатерина Дунцова нема своја партија, а од другата страна го има Путин кој лежерно, по петти пат се кандидира и очекува победа.
Дунцова до 31 јануари 2024 година треба да собере 300.000 потписи за да може да се трка, а ова е нејзиното мислење за изборите:
– Денес ситуацијата во Русија е вака: оние кои би можеле да ги претставуваат граѓаните со демократски ставови на претстојните избори се или во затвор или нивните права се ограничени, гонети или принудени да одат во егзил.” Дунцова сака да понуди вистинска алтернатива. Зошто жената да не биде претседател, како симбол на нежноста, добрината и чувствителноста? – прашува Данкова во интервју за Дојче Веле.
Дунцова се залага за мир во Украина, но војната во Украна не ја нарекува војна. Таа внимателно ја мери секоја изјава што ја дала за да не го прекрши законот за „дискредитација на руската армија“ за што може да добие долгогодишна затворска казна. Тоа што засега Дунцова нема никакви последици во својот живот ги тера критичарите да се сомневаат дека таа му е лажна противкандидатка на Путин.
Сепак, Дунцова веќе се соочи со неколку пречки. Само неколку минути откако таа побара финансиска поддршка за нејзината изборна кампања преку социјалните мрежи, банката го блокираше плаќањето на нејзината сметка. Дунцова го објави ова на нејзиниот профил на Телеграм.
На предизборниот митинг на 17 декември не дојдоа само 700 нејзини поддржувачи, туку и локалната полиција. И одеднаш снема струја, објави таа на Телеграм.
„Веднаш го организиравме снабдувањето со електрична енергија со помош на генератор“, објави Дунцова.
А потоа водителката и го одзела микрофонот и побарала „да не се поставуваат политички прашања“.
„Веројатно допрва ќе има мали проблеми кои заедно успешно ќе ги решаваме“, борбено најави Дунцова.
Сепак, Кремљ има многу начини да ја спречи Дунцова да се кандидира. Според Абас Гаљамов, политички аналитичар во егзил, „таа има добра репутација на човек кој се бори за своите идеали“ и „постои голем ризик таа да добие преголема поддршка и премногу гласови“, па дури и да оствари победа затоа што многу луѓе би гласале за неа во знак на протест против Путин.
Дунцова е свесна како завршија политичките противници на Путин, за случаите на Алексеј Навални, Илја Јашин и Владимир Кара-Мурза од кои сите тројца се осудени на долги затворски казни.
– Изгледите може да да не бидат многу добри, затоа што сите видовме што се случува со луѓето кои ги објавуваат своите ставови на еден или на друг начин – тие се обвинети дека се странски агенти или бидуваат гонети. Но, би сакала да верувам во најдобриот исход – изјави Дунцова за Дојче Веле.
На својот профил на Телеграм, таа додава:
„Затоа што ја сакам нашата земја, затоа што би сакала Русија да биде демократска, мирна и држава на благосостојба. Затоа што во моментов нашата земја оди во сосема спротивна насока: се оддалечува од правата и слободите, од љубовта и мирот, се оддалечува од убавата иднина“.