Претседателот на државата Стево Пендаровски во вечерашното гостување во „Само интервју“ на „Канал 5“ телевизија рече дека не очекува турските власти да ја одолговлекуваат постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски, првообвинет за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Тој не откри дали контактирал со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во врска со забрзувањето на екстрадицијата на Палевски, но рече дека Министерството за правда добило позитивни сигнали од Турција.
– Во Министерството за правда добиле позитивни сигнали од нивните колеги дека ќе се постапува максимално брзо во рамки на тие норми. Генерално, имаме одлични политички односи со Турција. Не гледам некој резон да одолговлекуваат, да не го даваат човекот. Се разбира, ако се исполнети предусловите по турските закони. Не можам да шпекулирам кога би дошол. Меѓутоа, нема да чекаме со години, како што имаше некакви најави, претпоставувајќи за некакви заднински мотиви. Но, јас не можам да видам дека има заднински мотиви – вели Пендаровски.
Претседателот Пендаровски на 12 декември испрати порака до кабинетот на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган, во врска со екстрадицијата на осомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски. Но, од неговиот кабинет не информираа за деталите во пораката.
Меѓу останатите теми, во текот на интервјуто на Канал 5 стана збор и за можната кандидатура на Пендаровски на претстојните претседателски избори. Претседателот рече дека тоа ќе зависи од личниот рејтинг и од рејтингот на партиите кои би му дали поддршка, а дека одлуката ќе ја соопшти до почетокот на февруари, најверојатно пред објавувањето на кандидатот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ закажано за конвенција на 2 март.
Според Пендаровски, потребна е поддршка од партија затоа што, рече, „независен кандидат никогаш во историјата на Македонија не победил“ исто како што „многу тешко може да победи и чисто партиски кандидат“.