Откажан е штрајкот на контролорите на летање најавен за 25 декември и 31 декември годинава, за да не се пролонгира изборот на оперативниот кадар што е неопходен, информира денеска претседателот на Самостојниот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) Александар Тасевски.
На двочасовниот состанок во Контрола на летање М-НАВ, членството на Синдикатот одлучило да го стави во мирување шрајкот и да ги прифати огласите за вработувања што ги оспоруваше поради дел од позициите кои ги смета за несуштински и што беа причина за реактивирање на одлуката за штрајк од октомври годинава. Авиосообраќајот на аеродромите во Скопје и Охрид, како и прелетите, ќе се одвиваат согласно планираното.
– Заклучивме да го откажаме штрајкот од неколку оперативни причини. Видовме дека со нашата активност доведуваме до тоа изборот на неопходниот оперативен кадар да биде пролонгиран и да не може да се изврши доколку продолжиме да инсистираме на 10 работни денови за конкурсот, а и понатаму стоиме на тоа дека треба да отпаднат тие двајца несуштински кандидати за вработување. Имавме опција или целосно да се откажат сите вработувања или да прифатиме, односно да ја „проголтаме“ неисправноста од страна на директорите кои веројатно играле на таква карта намерно за да немаме голема шанса за маневрирање – изјави Тасевски.
Доколку оперативниот кадар не биде примен сега, појасни, најверојатно во текот на 2024 година нема да може да конкурира што дополнително ќе го отежне работењето на колегите од оперативна и од воздухопловна техника и инженерите и не би сакале да ги ставиме во таква ситуација.
Тој најави дека ќе ја следат реализацијата на конкурсите, постапките за селекција и евентуалните неправилности.
– Доколку за кандидатите кои ќе бидат примени за несуштинските работни места се потврди дека се тие за кои и сега имаме соменавања дека заради нив се наместени конкурсите, тогаш ќе има потврда дека директорите ја манипулирале и ја злоупотребиле целата ситуација. Тогаш ќе треба да се поставуваат прашања кон нив – како знаеле и кој и зошто им наложил токму тие лица да бидат примени – рече Тасевски.
Едмон Калиќи, супервизор и инструктор во Контрола на летање, појасни дека причина за одложувањето на штрајкот се и сè уште непродолжените договори на осумте студенти за контролори на летање што истекуваат на крај на годинава и за кои сè уште не е побарано продолжување од ресорното Министерство. Исто така и поради тоа очекуваните патувања на иселениците и беа туристите во државава за празниците.
Според Тасевски, покрај осумте кандидати контролори на летање, во воздухоловна техника се потребни многу повеќе луѓе.
Главна болка, појасни Тасевски, се кандидатите кои се примаат без никаква селекција, само со поднесена документација, без тестирања и без привремени рокови за обука и проверка на способностите. Наспроти нив, кадарот во воздухопловната техника покрај документацијата допрва до 29 декемрви ќе помине низ низа тестирања каде ќе може да ги покаже своите способности. Потоа ќе бидат примени со привремен договор, но со услов дека мора да ја поминат обуката за да добијат лиценца.
Синдикатот го најави штрајкот како реакција на објавените огласи за вработувања во М-НАВ, со критериуми и времетраење спротивни на постигнатата спогодба со менаџментот од октомври годинава. Од Синдикатот тврдат дека менаџментот сака да вработи непотребен кадар од суштинските дејности – деловни асистенти и советник за човечки ресурси, што според нивни сознанија, е за еден од поранешните директори во М-НАВ. Еден од огласите е со траење од 10 дена, наместо 10 работни, а еден само три дена од кои два се сабота и недела.
По најавата за штрајк, Синдикатот завчера имаше средба со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој рече дека се прави се да нема прекин во одвивањето на авиосообраќајот.