Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека ќе се сретне на тет-а-тет разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но дека средбата нема да биде најавена за медиумите, јавува Мета.
– Законска одредба е техничката влада. Немојте да сметате дека нема комуникација меѓу сите партии. Откако партиските органи ќе заседаваат, ќе има средба која нема да биде најавена преку медиуми, туку ќе има нормален разговор за реализација на тоа што е определено согласно Законот, односно распределба на ресорите во техничката влада, изгласувањето на таа Влада во Собрание и подготовка за избори – рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето на обновениот пат Битола-Меџитлија.
Од ВМРО-ДПМНЕ за ТВ 24 велат дека досега немаат добиено покана за средба со Ковачевски, односно дека за информацијата дознале од медиумите.
– Толку се очајни во СДС што дури од сега мора да почнуваат со вакви изјави кои се наменети за храбрење само раководството и нивното членство, кое од ден на ден се намалува. Граѓаните се свесни дека без разлика што зборува СДС партијата ќе биде историски поразена. Нека продолжат уште малку да живеат во своите соништа, граѓаните на Македонија се мудри – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот рече дека неговиот личен став е дека неговата партија треба да учествува во техничката влада за да го спречи можниот изборен поткуп, но дека истовремено треба да се воздржи од гласањето на составот на таа влада, затоа што партијата цени дека е спротивен изборот на првиот човек Талат Џафери кој што таа влада ќе ја предводи.
На 100 дена од парламентарните и претседателски избори закажани на 8 мај идната година Ковачевски треба да си даде оставка, а на негово место да дојде Талат Џафери по предлог на ДУИ, што беше договорено меѓу коалициските партнери во актуелната влада.