TikTok стекна светска слава благодарение на кратките видеа кои им овозможија на корисниците да ја покажат својата креативност за само неколку секунди, но и да прегледаат голема количина на содржина за релативно кратко време.
Но, тоа сега се менува. Она што беа видеа од околу 15 секунди на почетокот, сега стануваат се подолги и подолги.
Викендов, TikTok официјално стави крај на „Фондот за создавачи“ кој им овозможи на корисниците-креаторите да профитираат од нивните видеа. Оние кои сакаат да продолжат со оваа практика мора да се регистрираат во „Програмата за креативност Бета“ и да се согласат со новите услови, кои вклучуваат подолги видеа, како и приспособување на цела низа критериуми.
И додека за некои креатори тоа ќе им овозможи полесно да ја раскажат својата приказна, за други секојдневното снимање на едноминутно видео е сепак премногу.
Тие сакаат TikTok да стане мини-Јутјуб, коментира за Си-Ен-Ен еден од креаторите, на кој не му се допаѓа промената.
Од TikTok велат дека одлучиле да направат промени врз основа на повратни информации од креаторите.
Краткиот видео модел беше навистина корисен кога TikTok штотуку почнуваше, бидејќи можеше брзо да ги привлече луѓето кон платформата и да ги натера да продолжат да се движат низ содржината, изјави за Си-Ен-Ен Кристен Стајн, докторант од Универзитетот во Илиноис.
Тој истакнува дека ќе биде интересно да се види како огласувачите и самите корисници ќе реагираат на овие промени.
За некои креатори кои веќе се приклучија на програмата, оваа промена добро им се најде. Посочуваат дека заработиле повеќе од претходно, а можеле полесно да ја раскажат својата приказна.
Од TikTok истакнуваат дека креаторите кои креираат подолги видеа во просек ја удвоиле својата заработка, но и дека не само што ќе „туркаат“ долги содржини во нивните алгоритми, туку ќе продолжат да нудат содржини во зависност од навиките на корисниците.
Сепак, треба да се напомене дека ова не е прв пат TikTok да ја менува својата стратегија. Во последните три години ја зголемија максималната должина на видеата од една на три, пет и потоа на 10 минути, а сега тестираат и видеа со должина од 15 минути.
Дали корисниците ќе бидат подготвени да го трошат своето време на толку долги видеа, ќе видиме, пренесува Zimo.