Американецот Стивен С.(85) од Вашингтон ја убил својата сопруга Шарон со нож, а на полицијата ѝ рекол дека тоа го сторил бидејќи го терала да јаде палачинки, објави „Њујорк Пост“.
Соседите ја слушнале расправијата на брачната двојка и му се јавиле на нивниот син, кој живеел во близина, но веќе било доцна. Кога пристигнал, таткото, наводно, му го дал ножот на синот и го признал делото. Подоцна пристигнала и полицијата, па Стивен грабнал уште еден нож и со него се повредил, обидувајќи се да се убие, но синот и полицајците го спречиле.
Стивен изјавил дека неговата сопруга сакала да го присили да јаде палачинки за појадок, а тој одбивал затоа што неодамна изгубил 25 килограми за време на престој во болница и не сакал повторно да се здебели. Кога одбил да јаде палачинки, избила расправија меѓу двајцата, која завршила трагично.
Стивен и Шарон С. биле пренесени во болница, каде лекарите констатирале смрт на жената. Обдукцијата покажала дека жената била прободена во грбот и во срцето.
Стивен С. рекол дека неговата сопруга била многу наметлива и строга. Сакала да го натера да јаде „за негово добро“, рекол тој.
По престојот во болница, Стивен бил уапсен и обвинет. И покрај неговите првични изјави, тој се изјаснил за невин. Тој е задржан без кауција и го чека судењето, соопшти Њујоршката полиција.