Семејствата на заложниците кои се држат во Газа денеска ја повикаа израелската влада да ги прекине борбените операции и да започне преговори за ослободување на израелските граѓани кои веќе два месеца се во рацете на исламистичко движење Хамас.
– Ние само собираме тела. Сакаме да престанете да се борите и да започнете преговори – изјави Ноам Пери, ќерка на израелски заложник во Газа, на собирот на заложнички семејства во Тел Авив.
Собирот се одржа еден ден по објавувањето на смртта на тројцата заложници во Газа кои по грешка беа застрелани од израелската армија.
Заложниците вееле бело знаме и зборувале хебрејски, соопшти војската во саботата.
– Изгледа дека играат руски рулет: кој од нас ќе биде следниот што ќе дознае за смртта на нашите најблиски? Сакаме да знаеме каков предлог дала израелската влада – рече Руби Чен, татко на 19-годишниот заложник Итај Чен.
-Ционистичката војска многу добро знае кои се нашите услови за ослободување на заложниците и никој од нив нема да биде слободен доколку не ги прифати нашите услови – изјави портпаролот на вооруженото крило на Хамас, Абу Обеид.
Исламистичкото палестинско движење објави видео од неколку заложници во Газа и бомбардирањето на енклавата со порака на хебрејски, арапски и англиски јазик: „Времето истекува“.
Во изненадниот напад на израелска територија на 7 октомври, Хамас уби околу 1.140 граѓани, главно цивили, а зеде околу 240 заложници во Газа.
До денес во Газа сè уште има 129 заложници, а телата на 11 од убиените се предадени на Израел.
За време на седумдневниот прекин на огнот, кој заврши на 1 декември, беа ослободени 105 заложници, од кои 80 во замена за Палестинците држени во израелските затвори.
Израел одговори на нападот на Хамас на 7 октомври со офанзива врз Газа, со цел да го уништи Хамас и оттогаш во постојаните бомбардирања загинаа 18.800 луѓе, главно цивили, според податоците од палестинската милитантна организација која е на власт во Појасот Газа.