Пратениците во Европскиот парламент во Стразбур во четвртокот беа предупредени да не пијат вода од шишињата дадени во пленарната сала поради сомневање дека течноста во шишињата е контаминирана.
На пратениците им е испратена СМС порака со предупредување, а во пораката стои и дека е во тек проверка. Исто така, наведен е и контактниот број за итна медицинска помош „во случај на изложеност“.
Претставник на ЕУ изјави дека неколку луѓе се разболеле, но се опоравиле, пишува Политико.
„Добро е што останав на виното“, се пошегува еден претставник на ЕУ.
Политико пишува дека зградата на Европскиот парламент во Стразбур веќе подолго време има проблеми со водата за пиење, но од чешмата.
Во 2021 година, починатиот претседател на Европскиот парламент, Дејвид Сасоли, ја отфрли идејата дека се заразил со легионерска болест од вода од зградата на Европскиот парламент во Стразбур.
Во четвртокот заврши овонеделната пленарна сесија на Европскиот парламент во Стразбур.