Над 300.000 бездомници ќе чекаат на улиците овој Божиќ во Велика Британија. Поради хронично ниските инвестиции во социјални станови, многу луѓе повеќе не можат да си ги дозволат постојано зголемените кирии во приватни станови, поради што рекорден број луѓе завршија на улица.
Рекордни 300.000 бездомници годинава ќе го поминат Божиќ во привремено сместување или на студените улици во Британија, што е за 14 отсто повеќе од лани, предупреди британската невладина хуманитарна организација „Шелтер“ во пресрет на важниот христијански празник.
Како што покажува нејзината анализа, повеќето бездомници се сместени во привремени станови и прифатилишта, но многумина зимските месеци ќе ги поминат и на отворено. Организацијата за ова ја обвинува несоодветната политика за домување на владата.
„Никој не сака да биде бездомник на Божиќ, но оваа година 309.000 луѓе ќе го поминат периодот во мали соби во засолништа или заглавени пред влезната врата бидејќи им е премногу студено“, предупреди Поли Нит, шеф на организацијата.
Тој оценува дека веројатно има многу повеќе бездомници, бидејќи не се води статистика, на пример, за оние кои спијат со пријатели или роднини. Минатата година во Велика Британија имало околу 270.000 бездомници.
Многумина повеќе не можат да си дозволат кирија
Таа предупреди дека недостигот на станови во земјата е надвор од контрола. Поради хронично ниските инвестиции во социјални станови, многу луѓе повеќе не можат да си ги дозволат постојано зголемените кирии во приватни станови, поради што рекорден број луѓе завршија на улица. Таа го осуди како ужасен фактот што владата дозволува илјадници семејства да живеат во влажни и валкани простории, во несоодветни услови, поради што децата и возрасните страдаат и се разболуваат.
Податоците на владата покажуваат и дека годинава во Велика Британија се сместени рекорден број деца во привремено сместување. На крајот на јуни имало 105.750 вакви домаќинства. Ова е нов највисок број од почетокот на евиденцијата пред 25 години и 10,5 отсто повеќе од минатиот јуни. На крајот на јуни во привремени прифатилишта живееле и 138.930 деца, објави владата во ноември.
Надлежниот владин кабинет посочи дека за борба против бездомниците се издвојуваат над две милијарди евра. Половина од овие средства се доделуваат на локалните власти за да обезбедат финансиска поддршка на жителите за да можат да се преселат од привремено во постојано сместување. Локалните власти се одговорни и да им обезбедат соодветни привремени живеалишта, потенцираат тие.