Вечерва во 19 часот во Домот на АРМ во Скопје ќе биде изведена претставата на кореографот Дејан Битровски и Скопје танцовиот театар 2, со студентите на Катедрата за танц при универзитетот „Гоце Делчев“, под наслов „09190“. Ќе настапат Сара Димоска, Јоана Благадуша, Андреј Димовски, Клара Христова, Микаела Ангела Глигорова, Стефани Шааршмит, Викторија Коцева и Емилија Милак.
Дејан Битровски за себе вели дека неговото патување во областа на кореографијата е сè уште младо. Сè уште се обидува да дефинира кој е тој, во светот на кореографијата. Сите работи што ги создава и истражува доаѓаат од секојдневните мисли и постапки меѓу луѓето и социјалните прашања. Битровски инспирацијата ја наоѓа во филмови, книги и различни уметнички полиња. Кога работи покрај музиката и телото, сака да користи различни медиуми како видео и светлина. Не користи наратив во неговите дела, повеќе е заинтересиран за визуелни форми, создавање слики на сцената и како сето тоа е поврзано композициски. Додека создава нешто, тесно соработува со танчерите и често тоа е создадено за нив и нивните тела. И самиот е танчер и знае колку е важно да се има таа слобода и поврзаност со кореографот.
Утревечер, на 16 април во 20 часот на Малата сцена на Националната опера и балет, ќе се одржи претставата „Популус“ на кореографот Филип Петковски. Во претставата ќе настапат Теодора Георѓиева, Стефанија Маневска, Марија Саздовска, Сара Цветковска, Јована Зајкова, Дени Синадиновски, Антонио Стојчески и Балаж Лучеи. Костимографијата е на Антонија Гугинска Јордановска, Маја Ѓуреска и Гордана Божиновска, муузиката на Дуке Бојаџиев, Влатко Стефановски, Љубојна, Борис Харфман, Хрвоје Црниќ, Мирослав Тадиќ, ДахаБраха, Мобајл Соул Систем. Камера и фотографија на Марко Марјановиќ, а графичкиот дизајн е на Ивана Мојсовска.
„Популус“ (латински „народот“) е танцов перформанс кој има за цел да ги обработи и видоизмени сите оние танци и движења кои се врзуваат со традиционалната култура на заедниците кои го населувале овој простор. Овој перформанс претставува и еден нов вид на танцово изразување, особено кога станува збор за презентирање на традиционалниот танц во државава, поаѓајќи од фактот дека од 1950 година, па сè до ден денес, не постојат нови правци на кореографирање и осовремување на традиционалниот танц кој низ годините бил диктиран од перформативните политики на националните установи. База и инспирација на кореографскиот опус се традиционалните танци на Македонците, Албанците, Турците и Ромите кои се синтетизирани во современ и оригинален продукт. Она што е исто така новитет во овој процес е взаемната соработка на танчери кои се занимаваат со традиционален танц, балет, и современ танц, кои за прв пат работат и танцуваат заедно и учат едни од други.
Филип Петковски е кореограф, режисер и доктор на науки по културолошки студии и изведбени уметности. До 2020, Филип работи како асистент на Катедрата за светска уметност, култура и танц на УКЛА, како и на Катедрата за историја на уметност. Тој е добитник на неколку престижни стипендии и грантови како Moss Scholars Award, The Tambruritzans Grant in Aid и стипендија од Европската комисија. Низ годините, Филип се јавува како режисер на 9 театарски претстави режирани во Македонија, Норвешка и САД, како и танцовиот филм vitro. Премиерно прикажан на Танц фест 2021. Тој е и автор на мултимедијалната изложба vita која беше прикажана во неколку галерии низ Франција и на Photo Vogue фестивалот во Милано, организиран од Vogue Italia. Освен со изведбени уметности, Филип се бави и со научно-истражувачка дејност и е автор на десет научни трудови објавени во интернационални зборници каде што истражува теми поврзани со танц, културно наследство, идентитет и национализам. Како танчер, Филип ја започнува својата кариера во насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, за подоцна да стане танчер-првенец во ансамблот Тамбурица во Питсбург, Пенсилванија. Со запишувањето на Мастер студиите по танцови студии во Норвешка, Филип почнува да работи како кореограф и танцов инструктор за бројни танцови групи низ Европа и САД. Неговите кореографии TrOp (2014) и Common Ground (2015) беа премиерно изведени во Сегед, Унгарија и Лондон, ОК, додека неговото последно кореографско дело „Популус“ премиерно ќе биде прикажано на Скопје танц фест 2022. Како кореограф, Филип црпи инспирација од танцовото наследство на заедниците кои го населуваат Балканот, нивните култури, ритуали и секојдневни животи. Неговите кореографии истражуваат теми како колективното тело на заедницата, верувања поврзани со трансформации во природата и старословенски митови и ритуали.
Во понеделник, во Џепното кино на Младинскиот културен центар ќе има видео проекција на претставата „Послух“ на украниската короеграфка Кристина Слободјанјук.
Танц фест Скопје 2022 е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје, Американската амбасада во Скопје, Француски институт од Париз и Скопје, Дом на Арм Скопје, Perform Europe, East is Best, Културанова. Покровители на Танц фест Скопје 2022 се „Виталиа“ и „Бовин“.